Опозицијата со се посериозни обвинувања на сметка на властите. Не само што не се економски активни, не само што нема нови странски инвеститори, нема ниту мерки соодветни кои би ја намалиле инфлацијата, туку сега се оди и со најопасното сценарио кои може да и се случи на една економија, а тоа е целосен банкрот.
Од СДСМ излегоа со пресметки дека актуелната владата ја задолжила државата за речиси 2,5 милијарди евра и тоа од кога е таа на власт. Владата пак со голема леснотија и без многу драми и одговори на опозицијата дека излегува со измислени приказни за да направи страв и параноја кај населението. На економијата добро и оди а за тоа потврда даваат резултатите кои велат дека Македонија има трет највисок раст на Бруто домашниот производ.
Пресметката на опозицијата е дека за две години владеење на актуелната влада, држава се задолжила за нови 2,3 милијарди евра.
Од СДСМ остро ја нападнаа Владата дека водат „дилетантска“ политика која ги осиромашува граѓаните. Ставот на опозиционерите е дека се забрзува инфлацијата и не се преземаат мерки за зачувување на стандардот на граѓаните. Дополнително, ставот на партијата е дека за само три месеци од годинава е потрошен поголемиот дел од буџетскиот дефицит за годинава, што укажува дека државата ќе треба дополнително да се задолжува. Тоа што треба да загрижи е информацијата која ја пласираа дека само во првиот квартал годинава долгот е поголем за 700 милиони евеа.
„Лагата дека Владата се задолжила само за да враќа стари долгови е демонтирана со најновиот податок од Министерството за финансии, вистината е дека само за овие две години расипничко владеење, Мицкоски акумулирал нов долг од цели 2,3 милијарди евра. Според официјален податок од 30.04.2026 година на Министерството за финансии, покажува дека само во првиот квартал Мицкоски има креирано екстра нов долг од 700 милиони евра. На крајот на март, вкупниот долг изнесува 10,7 милијарди евра. Ако се задолжуваат само за да враќа стари долгови, тогаш вкупниот јавен долг би се намалил или би останал ист.
Ставот пак на властите е дека растот на македонската економија е побрз и поголем од движењето на јавниот долг, и поради тоа ситуацијата не треба да не загрижува. Напоменуваат дека оваа влада најчесто се задолжува за да врати стари заеми од претходните власти кои ги земале парите од банките или други финансиски институции и непродуктивно ги трошеле средствата.
„Во првиот квартал на 2026 во споредба со податоците на крајот на 2024 година е евидентирано намалување на јавниот долг во однос на БДП од 0,7п.п., иако во апсолутен износ е забележано зголемување. Тоа значи дека буџетските средства придонеле за раст на економијата, што е поголем од апсолутниот раст на долгот. Исто така, од втората половина од 2024 година до првиот квартал од 2026 година е направено обезбедување на средства на меѓународниот пазар со цел отплата на доспеани обврски од претходните години“, велат олд владата.
Официјалните податоци покажуваат дека јавниот долг на државата се движи околу 60 отсто од БДП.
И.П



