Врз основа на податоците од Анкетата за приходите и условите за живеење, која се спроведува во согласност со препораките на Европската Унија, Државниот завод за статистика ги пресмета лаекенските индикатори за сиромаштија за 2024 година. Основа за пресметките на сиромаштијата се приходите, а прагот на сиромаштијата е дефиниран на 60 % од медијалниот еквивалентен приход. Податоците на државните статистичари велат дека во 2024 година, стапката на сиромашни лица во Македонија изнесувала 21.9 %.
Доколку се анализира по типови домаќинства, стапката на сиромаштија на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца во 2024 година е 17.1%. Според најфреквентниот статус на економската активност, стапката на сиромашни вработени лица е 7.9 %, додека стапката на сиромашни пензионери е 12.0%. Коефициентот на Џини која е мерка за нееднаквоста во распределбата на приходите изнесува 29.2 %.

