ПочетнаЕКОНОМИЈАСо американски и швајцарски картички најмногу се купувало во македонски Е- продавници!

Со американски и швајцарски картички најмногу се купувало во македонски Е- продавници!

Народната банка објави податоци за тоа од кои земји најмногу се купува од домашните е-трговци. Согласно објавените податоци од НБРСМ, странски иматели на платежни картички за купување производи и услуги од македонски е-трговци во 2025 година потрошиле 52 милиони евра, што во однос на минатата година претставува пораст од 40.4%. Вредноста која странските онлајн купувачи ја направиле кон домашните е-трговци е остварена во 2.3 милиони трансакции што е за 39.4% повеќе во однос на 2024 година.

Од податоците на Централната банка свои истражување направи и Асоцијацијата за Е – Трговија во кое се наведува дека од вредноста на вкупно направените трансакции од странци кон македонски е-трговци во 2025 година 52.6% припаѓаат на иматели на платежни картички од 9 земји. Ако се анализираат податоците тогаш може да се забележи дека 7.3 милиони евра или 14% од вредноста на трансакциите се направени од иматели на платежни картички издадени во САД, потоа 5 милиони евра од Швајцарија и 3.6 милиони евра од Германија. Потоа следат Турција со 3.4 мил. евра, Ирска со 2.5 милиони евра, Бугарија 1.3 милиони евра, Обединетото Кралство со 1.2 милиони евра и Србија со 1.1 милиони евра. Најголем пораст на вредноста на трансакциите е остварен од турските иматели на платежни картички од 94.4%, а потоа 55% на германските иматели на платежни картички во однос на минатата година.

„Најголем број односно 252.6 илјади е-трансакции направиле странските иматели на платежни картички од САД купувајќи од македонски е-продавници, а потоа 144.3 илјади од Србија, додека најголем пораст на бројот на е трансакциите во 2025 година спрема минатата година е забележан од турските иматели на платежни картички од 115.7%.“ стои во анализата на Асоцијацијата за Е- трговија.

Што се однесува до просечната вредност која странските иметели на платежни картички ја направиле кон домашните е-трговци се движи од 44.5 евра направени од Бугарија до 8.1 евра од Србија. Од САД, Турција, Ирска и Бугарија просечната трансакција е намалена во однос на 2024 година.

„Податоците покажуваат дека македонската е-трговија станува сè поатрактивна и за странските купувачи, со значителен раст и во вредноста и во бројот на трансакции. Во 2025 година, странските иматели на платежни картички потрошиле 52 милиони евра кон македонските е-трговци, што претставува раст од 40.4%, додека бројот на трансакции достигна 2.3 милиони, со пораст од 39.4%. Ова укажува на стабилен и паралелен раст, што значи дека зголемувањето не се должи само на поголеми износи, туку и на зголемена активност на странските купувачи. Географската структура покажува дека најголем дел од вредноста доаѓа од неколку клучни пазари, при што САД се издвојуваат со најголемо учество, следени од Швајцарија и Германија, додека значајно учество имаат и Турција, Ирска, Бугарија, Обединетото Кралство и Србија. Особено е значаен растот кај Турција и Германија, што укажува на продлабочување на трговските врски и зголемена видливост на македонските е-продавници на овие пазари. Истовремено, структурата на трансакциите покажува разлики во однесувањето на купувачите по земји. Додека купувачите од САД генерираат најголем број трансакции, кај одредени пазари како Србија се забележува понизок просечен износ по трансакција, што укажува на почести, но помали купувања. Од друга страна, намалувањето на просечната вредност кај дел од пазарите како САД, Турција и Ирска укажува на зголемена фреквенција на купувања и поширока достапност на поевтини производи и услуги. Генерално, овие трендови покажуваат дека македонската е-трговија постепено се интегрира во меѓународните текови, привлекувајќи купувачи од различни пазари, но и дека постои потенцијал за понатамошен раст преку подобрување на конкурентноста, видливоста и довербата во домашните е- продавници“, вели преседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Д- р Нина Ангеловска Станков.

Во оваа анализа се наведува и дека географската распределба на странските трансакции кон македонските е-продавници не секогаш директно го одразува профилот на крајните купувачи, туку често е поврзана со миграциски текови, дијаспора и локацијата на издавање на платежните картички. Земјите како САД, Швајцарија и Германија, кои учествуваат со значителен дел од вредноста на трансакциите, во голема мера се поврзуваат со македонската дијаспора. Овие трансакции најчесто се интерпретираат како купувања направени од иселеници за свои блиски во Македонија, особено за категории како подароци, потрошни производи, услуги или резервации.

 Кај Ирска, ситуацијата е понијансирана. Иако постои македонска дијаспора, значајниот обем на трансакции може делумно да се објасни и со тоа што голем број меѓународни дигитални платформи и финтек компании имаат седишта токму во Ирска. Тоа значи дека дел од трансакциите може да се процесираат преку ирски платежни институции, иако крајниот купувач не е физички лоциран таму.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП