Точно во 11 часот пред зградата на Сојузот на синдикати на Македонија започнува Првомајскиот протест организиран од синдикатите. Според информациите, главните барања на синдикалците се повисоки плати, подобри и побезбедни услови за работа, како и колективни договори каде што нема, и предупредување до властите да ги тргнат рацете од колективните договори каде што функционираат и даваат резултат во однос на работничките права.
Со ниту една власт не е лесно да се преговара и да се договараат правата на работниците, велат од ССМ. Борбата за работничките права никога не застанала и сега нема да сопре. Работниците од Македонија во моментов добиваат помеѓу најниските примања во Европа, а цените на храната и останатите услуги и производи кои им се неопходни за нормално и достоинствено поминување на тековниот месец вртоглавно растат. Затоа ССМ пред два дена повика на протест на сите работници, не само оние кои имаат минимална плата, туку да излезат и поддршка да дадат и вработените кои се со посолидни примања, бидејќи кога платите се зголемуваат сите имаат бенефит, но пред се солидарноста мора да се покаже на дело.
„Повеќе од 260.000 работници во Македонија според последните податоци на Управата за јавни приходи живеат со примања под 600 евра односно толку колку што работниците бараат да изнесува минималната плата во Македонија. Тоа е 50% од работната сила во Македонија која прима плата под 600 евра и затоа овие работници да не нè среќаваат на улица и да ни се жалат, да не ни праќаат пораки и да ни се жалат, туку да застанат со нас рамо до рамо и да покажат дека се незадоволни од висината на работничките плати, од висината на платата која ја носат на нивните семејства, а особено поради тоа што со мизерното усогласување на минималната плата за 1,667 денари во месец март оваа година, како и зголемувањето на вредноста на Синдикалната минимална кошница за 3,304 денари од почетокот на годината, на едно семејство, доколку двајцата работници се на минималец, му недостасува некоја стотка за да ги овозможат најосновните прехрамбени услови за живот. Тоа е поразителен податок за сите кои креираат политики, за сите работодавачи во Македонија и за сите други чинители во општеството“, велат од ССМ.
Синдикалниот протест на ССМ ќе започне од синдикалната зграда во Скопје каде се очекуваат работници од цела Македонија. Со пароли во рацете поворката ќе се упати до Собранието каде што ќе ги потсетат пратениците дека и тие имаат можност со измени на законските решенија да придонесат до подобар живот на работниците. Следната станица е Стопанската комора, каде работниците ќе им порачаат на газдите дека е поприфатливо за нив да иплаќаат повисоки плати отколку да увезуваат работници од странство. На крајот протестот завршува пред владината зграда на Илинденска. Работниците според планот ќе испратат едно големо УАААА бидејќи според нив оваа власт не напртави ништо за работничкиот стандард.
Како и секоја година така и оваа синдикатите се со спротивни агенди. Едни на улица бараат подобри права за работникот, а други на маса преку конференции сметаат дека се решаваат проблемите на вработените.
И.П



