Кога и да им завршат политичките теми за меѓусебни преписки, политичките партии почнуваат да се расправаат на тема економија.
Не дека ги потрошиле сите за нив побитни теми, но стандардот на граѓаните е секогаш тема која се актуелизира кога на повидок е нова криза во земјава. А многумина ќе речат, Македонија не излегла од криза повеќе од три децении.
Ако пред десетина години за тогашната власт бевме држава во која има најдобри услови за отпочнување и водење бизнис, во исто време никој не смееше да помисли за поврат на ДДВ или за укинување на дел од бирократските давачки. За друга власт пак која ја водеше Македонија во ковид и енергетската криза, бевме рекордери или поскромно кажано одлично се носевме со предизвиците, но во реалноста бевме на врвот во Европа по стапката на инфлација. Сега е нова криза, нафтена. Повторно цените се до плафон, мерки има ама и нема, но податоците на оваа влада велат дека сме трета економија по успешност на стариот континент.
Власта на неколку пати во последниотв период ја убедува јавноста дека растот на економијата од 3,5 отсто кој што според нив е во континуитет веќе шест месеци е потврда дека акцентот е ставен на економијата на земјава. Во исто време владата потенцира дека растот на БДП во Европската унија е под 1%.
„Некој ќе каже, имало периоди кога растот бил и 5,5% и 6%, но да, тогаш и растот во рамките на Европската Унија бил идентичен 5,5% и 6%. Сега имаме повеќе од три и половина пати поголем раст од оној просечниот што е во ЕУ, шест квартали, зборуваме по ред. И тоа за нас претставува инспирација дека добро ги тераме работите. Не велиме одлично, секогаш може подобро, но сега за сега имајќи ја предвид глобалната ситуација, мислиме дека добро се тераат работите. Во тој предизвик е индустријата. Кај индустриското производство имаме два предизвици, т.е. слабата активност на дел од рудниците. Иако, има и такви структури во општеството коишто би сите рудници да се затворат и оние коишто ги исполнуваат сите еколошки стандарди и на тој начин да ја банкротираат државата за да добијат грант повеќе“, велат од владата.
Од опозицијата со бурна реакција за ваквите настапи на власта. Од партијата јавно го прашаа премиерот – Дали граѓаните чувствуваат дека сме ние трета економија во Европа? Дали тоа го чувствуваат кога ќе влезат во продавница? Дали чувствуваат кога ќе ги плаќаат сметките за струја и за гориво? Дали фрижидерите дома чувствуваат дека сме ние трета економија во Европа? Дали се зголемени паричниците или се намалени? Има ли повеќе пари кај граѓаните и кај семејствата? Дали живеат подобро? Одговорот е не. Одговорот според СДСМ е дека граѓаните живеат многу полошо од пред две години, кога на власт дојде Христијан Мицковски и оваа тендер коалиција.
„Зборуваме за економија што тоне. За тежок секојдневен живот на граѓаните, за цени во продавниците кои што веќе пораснаа без никаква контрола, за најниски плати во Европа, за најнизок стандард во Европа и за млади коишто заминуваат од земјава. И додека цела Европа, во мај, значи допрва, очекува уште посилен удар од оваа криза и носи мерки за да се справи со тоа што не очекува, а тоа е и понатаму забавување на растот и раст на инфлацијата и ризик од рецесија, Мицкоски живее во својот паралелен свет на бајки“, велат од СДСМ.
Како образложение, од ВМРО-ДПМНЕ, велат дека тие не измислуваат приказни туку ММФ излагло со податоци дека сме меѓу првите три држави кои примениле најмногу мерки за справување со ценовните шокови. Дополнително, од владеачката партија велат дека убедливо најниски цени во регионот и Европа за горива, има Македонија. Потоа во времето на СДС и ДУИ, цените за горивата беа над 110 денари и воедно беа и едни од највисоките во регионот и пошироко. И четврто, платите во тоа време се зголемуваа за 5%, додека инфлацијата беше 14%. Денес, платите се зголемуваат за околу 10-15% годишно во сите сфери од јавниот сектор, додека инфлацијата е околу 3%.
На ваквите информации, од СДСМ велат дека стандардот на граѓаните се влошува од ден во ден, само премиерот Мицкоски сè уште раскажува бајки дека сме трета економија во Европа. Од партијата посочуваат дека трошоците за живот, цените на основните производи секојдневно растат, а граѓаните последниве две години живеат многу потешко од претходно, тврдат опозиционерите.
И.П



