„Volkswagen“ го претстави редизајнираниот „Taigun“ за индискиот пазар, а компактниот SUV сега носи освежен изглед инспириран од поголемиот „Tiguan“, со повеќе технологија и побогата опрема.

Надворешно, најголемите промени се гледаат на предната страна.
Новата решетка, модернизираните фарови и редизајнираниот браник му даваат на „Taigun“ посовремен изглед, моделиран по кинескиот „VW Thara XR“ и европските „SUV“ модели на брендот.

Од страната, познатите пропорции се задржани, но додадени се нови 17-инчни алуминиумски тркала и свежа палета на бои.
На задниот дел, се издвојуваат модифицираните LED светла по целата ширина на возилото и дискретно редизајнираниот браник.

Фокусот во кабината е на технологијата.
Повеќето верзии сега добиваат 10,1-инчен мултимедијален екран и 8-инчна дигитална инструмент табла, додека новите карактеристики вклучуваат вентилирани предни седишта, електрично прилагодување на седиштето за возачот, поголем панорамски покрив, безжично полнење на телефон, амбиентално осветлување и тапацир од вештачка кожа во пакетот „GT“.

Поставата на мотори останува иста. Купувачите можат да избираат помеѓу 1,0-литарски турбо бензински мотор со 115 ks и 1,5-литарски турбо мотор со 150 ks.
Најголемата техничка иновација е што послабиот мотор сега добива нов осумстепен автоматски менувач, наместо претходниот шестстепен автоматски.
Помоќниот 1,5-литарски мотор останува спарен со 7-степен DSG менувач.
Производството веќе започна во фабриката во Пуна, додека цените ќе бидат објавени подоцна.
На индискиот пазар, „Taigun“ ќе го продолжи својот дуел со модели како што се „Hyundai Creta“, „Kia Seltos“ и „Skoda Kushaq“.



