ПочетнаЕКОНОМИЈАСтранските инвестиции го имаа главниот збор за извозот на Македонија!

Странските инвестиции го имаа главниот збор за извозот на Македонија!

За една година вредноста на извозот од Македонија е зголемен за нешто над 10 проценти, покажуваат официјалните податоци на Државниот завод за статистика. Податоците се однесуваат за февруари годинава во споредба со вториот месец од ланската година.

Што се однесува на месечно ниво и тука е забележан раст на извозот од 2,5 отсто, односно во периодот јануари-февруари извозот од земјава достигнува вредност од 1,2 милијарди евра. Германија и натаму е нашиот најдобар бизнис партнер.

Според производите кои се главни во извозната компонента може да се заклучи дека странските компании предничат со извозот од останатите фирми во земјата. Најчесто тоа се делови и опрема која е потребна за во автомобилската индустрија.

„Трговската размена по производи според Стандардната меѓународна трговска класификација покажува дека во извозот најголемо е учеството на: катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи“, стои во извештајот на ДЗС.

Во извештајот се наведува дека вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија, во периодот јануари – февруари 2026 година, изнесува 77 585.3 милиони денари и бележи пораст од 2.56 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста пак на увезената стока, во периодот јануари – февруари 2026 година, изнесува 115 860.8 милиони денари, што е за 2.61 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

„Во увозот најмногу се застапени: платината и легурите на платина, необработени или во прав, другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови) и електричната енергија.“

Од советот на странски инвестиции во Македонија посочија дека ги поздравуваат напорите на Владата за решавање на проблемот на македонските транспортери со новиот Систем за влез/излез на ЕУ и особено најавата на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, за одложување на примената на овој систем за македонските превозници до 30 септември.

„Советот на странски инвеститори со интерес ја следи состојбата и укажува на сериозност на проблемот кој директно влијае на работењето на компаниите.

Советот на странски инвеститори го поддржува изнаоѓањето на решение за македонските транспортери, бидејќи тоа значи заштита на инвестициите во земјата, овозможување на непречено движење на стоки, намалување на ризиците на индустриското производство, стабилност на работните места и на извозот во услови на исклучително високи ценовни притисоци на репроматеријалите и енергенсите, усложнување на логистичките рути поради кризата на Блискиот исток и висока глобална конкуренција“, велат странските инвеститори.

Имено, во периодот јануари – февруари 2026 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, најмногу се тргувало со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија, кои учествуваат со 49.9 % во вкупниот обем на размената. Земјите членки на Европската Унија учествуваат со 57.8 % во вкупната размена. 

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП