ПочетнаЕКОНОМИЈАЦената на нафтата драстично падна по договорот меѓу САД и Иран за...

Цената на нафтата драстично падна по договорот меѓу САД и Иран за Ормутскиот теснец

Глобалните цени на нафтата нагло паднаа, додека акциите пораснаа откако САД и Иран постигнаа двонеделен договор за прекин на огнот, со кој клучниот воден пат низ Ормускиот теснец ќе биде повторно отворен.

Цената на референтната сурова нафта Брент падна за околу 13 проценти на 94,80 долари за барел, додека американската сурова нафта падна за повеќе од 15 проценти и се тргуваше на 95,75 долари, објави Би-Би-Си.

И покрај тоа, цените се уште се повисоки отколку пред почетокот на конфликтот на 28 февруари, кога нафтата се продаваше за околу 70 долари за барел.

Цените на енергијата скокнаа во последните недели поради сериозни прекини во снабдувањето со нафта и гас од Блискиот Исток, откако Иран се закани дека ќе нападне бродови што го користат Ормускиот теснец како одговор на воздушните напади на САД и Израел.

По објавувањето на договорот, берзанските индекси во Азиско-пацифичкиот регион забележаа силен раст.

Јапонскиот Nikkei 225 порасна за пет проценти, јужнокорејскиот Kospi за речиси шест проценти, хонгконшкиот Hang Seng за 2,8 проценти, додека австралискиот ASX 200 скокна за 2,7 проценти.

Американскиот претседател Доналд Трамп објави на социјалните мрежи дека се согласил да го суспендира бомбардирањето на Иран за две недели, под услов Техеран веднаш и безбедно да го отвори повторно Ормутскиот теснец.

Аналитичарите проценуваат дека Вашингтон веројатно бил претпазлив од ризикот дека понатамошната ескалација на конфликтот може да предизвика нагло зголемување на цените на енергијата и сериозни економски последици.

За време на примирјето, се очекува некои од танкерите што чекаа во близина на теснецот повторно да продолжат со пловење, што би можело да донесе олеснување на пазарите во наредните недели.

Сепак, експертите предупредуваат дека производството на енергија на Блискиот Исток веројатно нема целосно да се опорави додека не се постигне траен мировен договор.

Поради штетата на енергетската инфраструктура во регионот, обновувањето на производството може да трае со месеци.

Според проценките на истражувачката фирма „Ристад енерџи“, санирањето на штетата предизвикана во енергетскиот сектор би можело да чини повеќе од 25 милијарди долари и да потрае со години.

Економските последици од конфликтот особено ги погодија азиските земји кои во голема мера зависат од енергијата од Персискиот Залив.

Филипините, кои увезуваат речиси целата своја нафта од Блискиот Исток, прогласија национална енергетска вонредна состојба кон крајот на март откако цените на горивата се зголемија повеќе од двојно.

Во регионот, многу авиокомпании ги зголемија цените на билетите и го намалија бројот на летови поради наглото зголемување на цените на авионското гориво, додека владите и компаниите најавија мерки за ублажување на ефектите од високите цени на енергијата и недостигот на гориво.

Експертите предупредуваат дека ќе биде потребно време за да се стабилизира пазарот на енергија и цените да се вратат на нивоата од пред конфликтот.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП