Од денеска, први април започнува да важи новиот износ на минималната плата кој изнесува 26.046 денари.
Оваа сума во моментов во Македонија ја земаат околу 35 илјади работници. Сојузот на синдикати на Македонија смета дека ова не е зголемување на минималната плата со оглед на фактот што за три месеци трошоците за синдикалната кошнича се зголемени за огромни 2500 денари.
Зголемувањето на минималната плата од само 1600 денари е доволен доказ дека властите не водат грижа за македонските работници. Не само што не ја зголемија платата на оние на кои им е најтешко, на работниците кои живеат со минималец, туку со барањето на ССМ за достојно зголемување на платите подобрување на животот ќе имаа и над 150 илјади работници кои добиваат плата под 30 илјади денари. Сега со овој минималец од 26 илјади денари, ќе биде само тешко да се преживее, велат од ССМ.
„ССМ побара зголемување на минималната плата на 600 евра за да може работниците да преживеат. Владата вели има формула за зголемување, редовното усогласување е во март и покачувањето ќе биде 1600 денари. Работодавачите, пак, велат дека се подготвени да ги зголемат платите, но владата да преземе дел од товарот за покачените придонеси“, велат од ССМ.
Но властите не прифатија да земат обврска да покријат дел од придонесите во приватниот сектор. И на тој начин паднаа во вода сите надежи дека минималната плата ќе може да се зголеми интервентно, односно повеќе од загарантираниот закоски износ.
Планот на ССМ беше работодавачите да бидат ослободени од придонеси, односно да бидат субвенционирани 12 месеци.
Од ССМ велат дека и во периодот што следи ќе бидат активни и ќе бараат на сите демократски начини подобрување на куповната моќ на работниците.
Од најголемиот синдикат велат дека треба да се охрабрат сите работници од земјава без разлика на нивната висина на платите и да излезат на следниот првомајски протест и заеднички да испратат порака дека властите и работодавачите ќе мора повеќе да го ценат трудот на работниците.
И.П



