Успешното органодарителство и трансплантација бараат врвна медицинска подготвеност, мултидисциплинарен пристап и силна координација меѓу институциите и стручната јавност, истакна д-р Жан Митрев на јавната панел-дискусија „Органодарителството во Македонија“, која се одржа во организација на Мултимедијалниот центар при Економскиот факултет при УГД – Штип.
„Тука сме да ја поддржиме оваа иницијатива, бидејќи сме една од болниците каде што најчесто се имплантираат таканаречените вештачки срца. Оваа терапија е наменета за тешко болни пациенти и служи како премостување на периодот додека се пронајде соодветен орган за трансплантација. Конкретно, зборуваме за срце. Во моментов имаме пациенти кои веќе седма година живеат со вештачко срце, нешто што е реткост дури и во светски рамки. Доколку тие живеат уште неколку години, тоа веќе се приближува до просечното очекувано преживување по трансплантација. Сепак, иако ова е значаен медицински успех, квалитетот на живот на овие пациенти е ограничен. Тие се зависни од батерии, надворешни кабли и дополнителна опрема, што особено влијае кога станува збор за млади луѓе, а токму за такви пациенти зборуваме. Првиот пациент кој го опериравме пред седум години имаше само 24 години. Тоа покажува дека не станува збор за пациенти во крајна фаза од животот, туку за млади луѓе на кои може да им се овозможи вистинска втора шанса. Затоа, органодарителството е нешто што треба да се поддржи. Тоа претставува култура на живеење, свесност дека можеме да помогнеме и да спасиме живот на поинаков начин. Истовремено, ова е суптилна тема која бара внимателен и одговорен пристап во јавноста“, изјави д-р Жан Митрев.


