Денеска, Владата донесе одлука да се намали данокот на додадена вредност(ДДВ) на бензините и дизел горивото од 18% на 10%
Поради настаните и воените конфликти на Блискиот Исток, сите европски држави, како и земјите во светот, се соочија со ценовни шокови кај горивата, кои вртоглаво растат, како и со ризици од зголемување на цената на електричната енергија.
Премиерот Мицкоски, изјави дека Владата има подготвен пакет мерки и сценарија доколку кризата продолжи или се продлабочи, посочувајќи дека без интервенција би следело значително поскапување на горивата.
„Според нашите пресметки, а врз основа на анализа на цената на репер берзите, РКЕ во текот на утрешниот ден ќе ги донесе точните бројки и конечната одлука, но врз основа на нашите пресметки и движењето на цената на берзите очекуваме предлогот да биде зголемување на 95 и 98 октанскиот бензин од 6,5 денари за литар, додека пак за дизел горивото тоа би значело 10,5
денари за литар“, кажа Мицкоски.
„Со одлуката да се намали данокот на додадена вредност на бензините и дизел горивото од 18% на 10% и доколку ова се земе во превид тогаш очекуваме цената на бензините да остане иста односно непроменета, а цената на дизелот да се зголеми околу 3,5 денари по литар“, вели премиерот.
Според премиерот, намалувањето на даноците е најбрз начин да се ублажи ударот од ценовните шокови и да се спречи нивно прелевање врз цените на храната, транспортот и услугите.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, вели дека мерките доаѓаат со задоцнување и дека намалувањето на ДДВ-то е „половична мерка“ и и предложи на Владата да ги намали акцизите на горивата за 4 денари, да го укине ДДВ-то за основните прехранбени производи и да ги преполови патарините.



