Предлагачите на новиот закон за заштита од пушењето не го слушнаа гласот на сопствениците на малите продажни објекти, како што се тобако продавниците, киосците, мини маркетите и другите мали семејни бизниси и не ги вградија нивните аргументи во драфт-верзијата на законот која наскоро треба да стигне до Владата. Уште при објавувањето на првичната верзија на законското решение, малите трговци предупредија дека ќе бидат сериозно економски погодени, што ќе резултира со големи финансиски загуби за нивните бизниси, отпуштање вработени, како и затворање на дел од овие малопродажни објекти.
Иако Министерството за здравство, како предлагач на законот, тврди дека се консултирало со сите засегнати страни и ги зело предвид нивните барања, два месеца подоцна, во дополнетата верзија на предлог-законот, клучните спорни одредби останаа непроменети. Единствено трговците добија шест месеци период за да ги прилагодат објектите на новите барања, но новите обврски за нив значат дополнителни финансиски трошоци, како и губење на приходите од долгорочните договори. Според податоците од бизнис-заедницата, станува збор за повеќе од 4.000 мали и средни претпријатија низ земјата, најчесто семејни бизниси, чија економска одржливост директно зависи од продажбата на тутунски и сродни производи. За голем дел од нив, овие производи претставуваат клучен извор на приходи, особено како резултат на склучените долгорочни договорисо добавувачите.

