ПочетнаЕКОНОМИЈАСкок на цените на нафтата и инфлацијата: Може ли да се избегнат...

Скок на цените на нафтата и инфлацијата: Може ли да се избегнат нови зголемувања на цените?

Годишната инфлација во Македонија продолжи да забавува на почетокот на оваа година. Она што веќе може да се претпостави, е дека значителното зголемување на меѓународните цени на суровата нафта ќе има одредено влијание врз движењето на цените на нафтените деривати на домашниот пазар. Се поставува прашањето дали може да се избегнат нови зголемувања на цените.

Една од клучните причини за турбуленциите на финансиските пазари е порастот на цената на нафтата, па затоа упатените велат дека нафтениот шок може да ја поттикне инфлацијата.

Суровата нафта Брент достигна цена од речиси 105 долари за барел на 16 март, што е зголемување од повеќе од 40 проценти од почетокот на војната во Иран.

Само пред еден месец, цената на нафтата беше околу 70 долари, а сега надмина 100 долари.

Економистите предупредуваат дека последиците од ваквите шокови можат да се одразат во транспортот, цените на стоките и целокупната економска активност.

Блокадата на Ормутскиот теснец, низ кој минуваат 20 проценти од светската нафта, е голем проблем, па ако конфликтот меѓу Иран и САД продолжи, тогаш снабдувањето со нафта ќе биде сериозно загрозено бидејќи изворите на енергија ќе бидат уништени.

Ако конфликтот се одолговлекува, како што предупредува директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, тој има јасен потенцијал да влијае на расположението на пазарот, растот и инфлацијата, создавајќи нови предизвици за креаторите на политиките.

Во отсуство на јасен одговор на прашањето кога ќе завршат борбите, најважно е да се остане флексибилен, вели ММФ.

Минатата недела, нашиот северен сосед Србија ги намали акцизите на нафтените деривати поради порастот на цените на суровата нафта на светскиот пазар во земјата. И другите земји во регионот преземаа слични потези.

Кај нас владата, освен џентлменски договор за намалување од два денари, не направи конкретни мерки за ублажување на нафтениот ценовен шок.

Од денска евродизелот ќе го плаќаме за 6,5 денари повеќе, а бензинот за седум денари.

Цената на дизелот достигна 92 денари, а на бензините 86,5 и 88,5. Ова е резултат на порастот на цените на нафтата на светскиот пазар поради конфликтот на Блискиот Исток.

Прогнозите за движењето на цените во наредниот период не се многу оптимистички поради геополитичките конфликти што доведоа до пораст на цените на нафтата.

Последиците за рафинериите и дистрибутерите на гориво се речиси моментални. Големопродажните цени на евродизелот и бензинот растат, бидејќи рафинериите мора да купуваат сурова нафта по повисока цена. Релативно кажано, секој долар зголемување на цената на нафтата ги зголемува трошоците за гориво за крајните потрошувачи.

Дизелот и бензинот стануваат поскапи на пумпата дури и во земјите кои не зависат директно од превозот преку Ормутскиот теснец, поради глобалната поврзаност на пазарите.

Земјите со помала енергетска самоодржливост, како што е Македонија, веднаш ги чувствуваат последиците.

Секоја долгорочна криза во транспортот на нафта ја покажува енергетската ранливост на Македонија, која увезува најголем дел од горивото.

Ако цената на нафтата продолжи да расте поради геополитичките тензии, можно е и во Македонија повторно да се отвори прашањето за инфлација и раст на трошоците за живот.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП