ПочетнаЕКОНОМИЈАНовото поскапување на горивата ги налути граѓаните: „Џебот не издржува“

Новото поскапување на горивата ги налути граѓаните: „Џебот не издржува“

„Само за една недела пак скокнаа цените. Нема крај на ова“, вели Драган, додека нервозно го гледа бројчаникот на пумпата како се врти. „Секојпат кога ќе дојдам да точам гориво, чувството е исто – како некој полека да ти ги празни џебовите“.

На бензинските пумпи утрово речиси секој има коментар за новото поскапување. Некои зборуваат гласно, други само одмавнуваат со раката и молчат – како луѓе кои веќе се навикнати на вакви вести.

„Автомобил на дизел возам затоа што порано беше поевтин. Сега? Па скоро 100 денари е литар“, вели Игор, комерцијалист кој секојдневно поминува десетици километри. „За нас што сме постојано на пат, ова е директен удар. Не е малку – горивото ни е половина од трошоците“.

Една млада жена која точеше бензин кратко прокоментира: „Сè поскапува. Не е само горивото. Кога ќе се качи горивото, после поскапува и храната, и превозот… и на крај пак граѓаните плаќаат“. И таксистите се меѓу најпогодените.

„Ова е сериозен проблем за нас“, вели Александар, таксист од Скопје. „Резервоарот ми собира околу 60 литри. Наполни го па види колку пари ќе дадеш. А цените на услугите не можеш секоја недела да ги менуваш“. Некои реагираат со горчлива шега.

„Следно што ќе поскапи е воздухот“, вели еден возач низ смеа, па додава: „Ама тамам сме – и за тоа ќе ни стават некоја такса“.

Поскапувањето не ги погодува само возачите. Граѓаните кои користат екстра лесно масло за домаќинство за греење стравуваат дека ова е само најава за уште потешка зима.

„Ако вака растат цените, ќе треба добро да пресметаме колку ќе грееме“, вели пензионер од Скопје. „Пензијата не расте толку брзо колку што растат трошоците“.

Негодувањето е тивко, но упорно. Луѓето пресметуваат, споредуваат, негодуваат… па пак точат гориво, затоа што, едноставно, мораат.

Новото поскапување на горивата стапи на сила во понеделникот на полноќ, откако Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за новите максимални малопродажни цени на нафтените деривати.

Според новиот ценовник, бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 поскапеа за седум денари по литар. Со тоа, максималната малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 86,50 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 достигна 88,50 денари.

Зголемување има и кај дизелот. Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголеми за 6,50 денари по литар и сега изнесува 92 денари. Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се продава по цена од 89,50 денари за литар.

Повисока цена има и мазутот. Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголеми за 4,867 денари по килограм и изнесува 47,453 денари за килограм.

Од Регулаторната комисија за енергетика објаснуваат дека зголемувањето на цените е резултат на растот на берзанските цени на нафтените деривати на светските пазари, како и на зајакнувањето на американскиот долар во однос на денарот во изминатиот петодневен период.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП