Денес го славиме Меѓународниот ден на жената, попознат како 8 март, празник посветен на жените. Создаден е како ден на сеќавање на борбата за економска, политичка и социјална еднаквост на жените и мажите.
Денот на жената е востановен на Втората меѓународна конференција на жени социјалистки на 8 март 1910 година во Копенхаген, по иницијатива на Клара Цеткин, лидерка на германските социјалистки и женското работничко движење, за да се воведе ден на вечно сеќавање на демонстрациите на американските работнички во Чикаго во 1909 година и њујоршкиот марш на повеќе од 15.000 жени, кои бараа пократко работно време, подобри плати и право на глас.

