Последните одфицијални податоци кои ги објавија државните институции за растот на Бруто домашниот производ го зголемија оптимизмот на македонските власти дека ќе може годинава да се испорачааат конечно подобри резултати кои сите ги очекуваат. Растот на економијата во четвртиот квартал изнесува 3,8%, но прашањето е колку тој позитивен резултат е почувствуван од страна на граѓаните.
Од Илинденска број два велат дека како Влада, веќе шест квартали по ред се заслужни што во Македонија има реален бруто домашен производ којшто расте, и тоа со 3,5% во просек. Во последните два квартали од 2025 година реалниот бруто домашен производ расте со 3,8%. Додаваат дека често пати од опозицијата се исмеваат на ваквите податоци и ги сметаат за нереални но, според властите факт е дека еве и во четвртиот квартал, од оние податоци коишто ги објавува ЕУРОСТАТ, реалниот раст на македонскиот бруто домашен производ е во првите три во Европа.
„Ако се вратиме пред неколку години наназад, тогаш ќе дојдеме до констатација дека тогаш бевме на дното во регионот. Сега сме, да речеме пред соседите, ако Бугарија во четвртиот квартал бележеше раст од 3,2%, Хрватска 3,6%, Србија 2,2%, Грција околу 2%, ние сме со 3,8% лидери во регионот. И повторно ќе излезат оние ботови од опозицијата и повторно ќе го исмеваат ова што ќе го кажам. Но, тие нека се исмеваат, а ние ќе продолжиме да поддржуваме вакви успешни приказни кои контрибуираат во бруто домашниот производ“, велат од Владата.
Податоците велат дека 2024 година ја завршивме со реален раст на годишно ниво од 3%, 2025 година ја завршуваме со реален раст од 3,5%, за следната, односно за оваа 2026 година, владата очекува според проекциите растот да се движи меѓу 3,5 и 4%. Тоа според владините претставници значи дека економијата е консолидирана со фискалната консолидација, но и буџетското консолидирање на буџетскиот дефицит, вродуваат со плод.
„Од една страна имаме политика која што внимава, не троши премногу, но тоа што го троши, го троши таргетирано, со цел и таа цел вродува со плод, еве резултатот од таквата политика е овој пораст. Инаку, она коешто исто така треба да се напомене е дека, номиналниот бруто домашен производ во 2025 година порасна за 8,2 – 8,3%, нешто што претставува историски рекорд за македонската економија. Наша цел како Влада, беше номиналниот бруто домашен производ на крајот од мандатот, тоа е 2028 година, од оваа Влада да натфрли 20 милијарди долари. Тие 20 милијарди долари ги натфрливме после година и половина во 2025 година“, додаваат властите.
Опозиционерите и натаму негодуваат дека македонскта економија се движи во правилните насоки. Податоците според нив се нереални и фингирани.
„На економски план се случуваат консекутивни работи коишто ние ги најавивме и на коишто укажуваме. Последните податоци од Народната банка покажуваат драматичен пад на директните странски инвестиции од, внимавајте, 61%. Односно, во 2024 година, како резултат на сите економски политики од Владата на СДСМ изминатите седум години, има кулминација и највисока рекордна вредност на директни странски инвестиции од 1.196.000.000 евра, а сега во 2025-та година само 467 милиони евра. И тоа е практично резултатот на економската политика на оваа Влада на премиерот – едноставно дебакл“, велат од СДСМ.
Тоа што ги загрижува граѓаните е секако нивната куповна моќ која секој ден е се послаба. Во континуитет заедно со синдикатите се бараат мерки за намалување на инфлацијата, но властите решија работите да се движат по мерка на пазарната економија. На тој начин граѓаните може да се каже дека научија да живеета во скапотија.
Според ММФ за 2026 година, номиналниот бруто домашен производ за македонските граѓани е поставен на ниво од нешто повеќе од дваесет и една милијарда долари. Според куповната моќ во 2026 година, Меѓународниот монетарен фонд ни предвидува дека по глава на жител ќе се движиме меѓу 31 и 32 илјади долари. Тоа според пресметките е приближно до Црна Гора и Србија, но многу подобри од Албанија, Косово, Молдавија.
И.П



