Д-р Жан Митрев ја дава својата целосна поддршка за иницијативата за заживување на трансплантацијата во Македонија, истакнувајќи дека ова е заложба која ја поддржува уште од самиот почеток на својата професионална работа, веќе повеќе од 26 години. На јавната панел-дискусија „Органодарителство во Македонија“, која се одржа во Битола, д-р Митрев нагласи дека целта мора да биде трансплантацијата да стане рутинска и секојдневна пракса во земјава, заложба што, како што посочи, ја носи со себе повеќе од 26 години. Според него, темата не е само медицинска, туку длабоко човечка: зад секој пациент што чека орган има семејство што живее во неизвесност, денови што се бројат со надеж и страв, и едно единствено прашање, дали ќе стигне шансата навреме.
„Токму затоа органодарителството е чин на највисока солидарност и одлука што не спасува „еден живот“, туку може да врати иднина на повеќе луѓе одеднаш. Во таа насока, бројот на пациенти на кои може да им се помогне е голем, а кардиоваскуларната патологија е меѓу водечките области, и од аспект на можност за донори и од аспект на потребата за организиран, мултидисциплинарен пристап. Истовремено, нагласи дека тимот на Клиника Жан Митрев е целосно подготвен за вакви операции, но дека за успех е неопходна тесна соработка и заедничко делување на институциите и струката, бидејќи се работи за комплексни пациенти кои бараат покривање од повеќе медицински дисциплини – поради што, како што истакна, ова е добра иницијатива што тој максимално ја поддржува“, истакна д-р Митрев.


