ПочетнаЕКОНОМИЈАЕкспертите со апел, зголемете го минималецот – но внимавајте на висината и...

Експертите со апел, зголемете го минималецот – но внимавајте на висината и темпото!

Најактуелната тема во јавноста во последниот месец е растот или борбата за раст на минималната плата, а со тоа и на останатите плати.

Со своја анализа за стандардот на граѓаните излезе и Институтот за економски прашања Finance Think кој го поддржува порастот на минималната плата се со цел да се подобри животот на граѓаните, особено на оние кои месечно ја добиваат најниската законски одредена сума.

Но, од Институтот велат дека клучното прашање не е дали минималната плата треба да расте, туку со кое темпо и врз кои економски основи. Нивниот став е дека непропорционално и значајно зголемување на минималната плата и сите останати плати во економијата без паралелно зголемување на новосоздадената вредност крие неколку ризици.

Првиот ризик според Finance Think е притисокот врз цените. Инфлацијата во месец јануари се сведе на 3.2% на годишно ниво, што е забавување од декемвриската бројка од 4.1%, но сé уште над нивото на инфлација кое се смета за стабилно, и над нивото во Еврозоната од 1.7%, што е важна референца поради фиксниот курс на денарот во однос на еврото. Упорната инфлација е резултат на повеќе фактори, подредени според нивната важност, додаваат експертите.

„Зголемениот доход во економијата, како последица на високиот реален раст на платите во последните неколку години, во најголема мера резултат на хроничниот недостиг од побарувана работна сила на пазарот на труд; како и последица на големиот пораст на пензискиот доход кој во релативно краток период изнесуваше над 30% од просечната пензија“, се наведува во анализата на Finance Think.

Особено во втората половина од 2025 и во овој момент, упорната инфлација во најголема мера е последица на притисокот што доаѓа од страната на потрошувачката.

Платите – основниот вид доход во економијата – скоро долж целиот период растеа повеќе од растот на продуктивноста, така што во 2024 споредено со 2017, просечната плата е повисока за 79.9%, минималната плата за дури 88%, а продуктивноста за само 49.8%.

Ваквата дивергенција меѓу доходите и продуктивноста е макроекономски неодржлива и директно се преточува во ценовен притисок. Инфлациските очекувања, во одреден сегмент подигнати и од повеќекратните кратки мерки за замрзнување на цените и маржите кај производите од храна. Според тоа, потенцијалното значајно и непропорционално зголемување на масата на плати во економијата на краток до среден рок ќе донесе само упорни цени, односно инфлациски притисок кој нема да може лесно да се заузда без особено рестриктивни монетарни и фискални мерки. За социјалниот дијалог особено е важно минималната плата да биде порамнета со создавањето нова вредност во економијата, односно со продуктивноста.

Вториот ризик според Finance Think е нарушувањето на фискалната консолидација. По пандемијата, во земјава според нив следи ограничено темпо на фискална консолидација кое подразбира постепено намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг. Сепак, буџетскиот дефицит е сé уште проектиран над 3% од БДП, а вкупниот јавен долг се доближува и во текот на оваа 2026 година ќе ја премине психолошката граница и фискалното правило од 60% од БДП.

„Една голема расходна ставка е ставката за државна помош, односно субвенции. Во периодот 2019-2022, Северна Македонија воведе субвенционирани придонеси за раст на плати во распонот од 600 до 6.000 денари по работник месечно. Оваа субвенција беше втора по големина државна помош по земјоделските субвенции. Преземањето обврски за државно субвенционирање на платите не само што оневозможува смирување на инфлацискиот притисок, туку е и директен атак врз фискалната консолидација и префрлање на трошокот од приватниот сектор кон сите даночни обврзници, и во таа смисла треба да биде целосно исклучено како можност“, стои во извештајот.

Третиот ризик според експертите е нарушувањето на пазарот на труд. Во услови на затегнат, но летаргичен пазар на труд, голем пораст на минималната плата нема да доведе до зголемување на невработеноста. Ваков евентуален исход е неверојатен, имајќи ја предвид динамиката на пазарот на трудот и поранешни емпириски докази кои потврдуваат дека врската помеѓу минималната плата и отпуштањата во Македонија е најверојатно многу слаба. Но, тоа се должи на фактот што работодавачите потенцијално преземаат други механизми на прилагодување, првенствено деформализација или полуформализација на работните места.

„Тоа би значело отсуство на писмен договор за вработување или осигурување на работникот на помалку работни часови од неговото фактичко работно време и исплата на остатокот преку т.н. плата во плико (делумно неформален работник). Оваа линија на прилагодување во услови на значаен пораст на минималната плата е многу веројатна, имајќи ја предвид тенденцијата на пораст на уделот на неформалните работници во последните неколку квартали Овој тип на прилагодување е особено штетен затоа што ја поткопува и заштитата на работниците и приходната база на државата”, стои во анализата на Finance Think.

Finance Think заклучува дека растот на минималната плата е оправдан од социјален аспект, но мора да биде усогласен со растот на продуктивноста и реалниот капацитет на економијата. Во спротивно, зголемувањето на платите создава упорен инфлациски притисок, го ограничува просторот за фискална консолидација и го зголемува ризикот од деформализација на работните односи.

Затоа, клучниот предизвик не е дали минималната плата треба да расте, туку со кое темпо и врз кои економски основи, за да се зачува и куповната моќ на работниците и макроекономската стабилност. Дополнително, Finance Think препорачува Владата активно да се вклучи во социјалниот дијалог како трета клучна страна и медијатор помеѓу работниците и работодавачите, со аргументирана и базирана на докази и поддршка.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП