ПочетнаЕКОНОМИЈАПоследна опомена до власта, зголемете ги платите или државата ќе биде парализирана!

Последна опомена до власта, зголемете ги платите или државата ќе биде парализирана!

Поминаа трите предупредувачки протести на работниците. Првиот пред собранието, вториот пред Стопанската комора и третиот пред владината зграда. Мирни, достоинствени и со многу симболика, колку во просториите имаше избрани и именувани лица, толку синдикалци од улица бараат подобри услови за работа, пред се повисоки плати за сите. Барањата се јасни и гласни, итно зголемување на минималната плата на 600 евра како и зголемување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари.

Доколку не се исполнат работничките барања до крајот на месец февруари, следуваат таргетирани блокади во другите градови. Но, тоа што е подраматично е дека во првата половина на месец март ќе следи генерален штрајк во јавниот сектор и приватниот сектор и уште еден голем работнички протест на ССМ за кој овој пат ќе биде организиран и превоз од останатите градови за секој работник кој ќе сака да присуствува.

„Бараме од Владата да предложи измени и дополнување на Законот за минимална плата ако сакаат да бидат за работниците, ако сакаат да се зголеми минималната плата на 600 евра и да се зголемат сите останати плати за разликата од претходната минимална плата до новата минимална плата или за најмалку 6.000 денари. Тоа што е клучно или одговор на прашањето зошто сме на улица, сакаме јасно да нагласиме дека сме на улица затоа што Законот за јавните собири предвидува дека 21 човек се доволни да им прават проблеми и на функционерите и на газдите. 21 човек се повеќе од доволни да ги нервираат, исто онака како што тие ги нервираат работниците две години, а работниците не можат да врзат крај со крај секој месец“, велат од ССМ.

Аргументите на ССМ се дека на секоја една затворена компанија, две нови се отвараат, аргументите дека бројот на вработени од последното зголемување на минималната плата во 2022-та година до денес е зголемен, аргументите дека работниците им создаваат огромен капитал на газдите на годишно ниво во нето износ, аргументите за продуктивноста кои беа нивен најголем изговор кога велеа дека работниците во Македонија не се доволно продуктивни, дека не можат да ги зголемат платите затоа што нема доволно продуктивност или дека ќе ги зголемеле платите, ако се зголемела продуктивноста.

„Токму тие аргументи како што и веќе објавивме, Меѓународната организација на трудот (МОТ) ги изнесе пред некој ден со кои се потврдува дека македонскиот работник е и премногу продуктивен односно дека работникот со минимална плата од 24.397,00 денари му создава 290.000,00 денари месечно на газдата, на Владата, на функционерите и на сите останати. Само 17% од тој колач се дава на работниците за плата. Дека има пари во државата има, меѓутоа тие не се правилно распоредени. Тие сакаат да ги уживаат сите бенефиции и придобивки кои им ги даваат гласачите, кои им ги даваат работниците, наспроти сиромаштијата на работниците“, велат од ССМ.

Синдикалците и упатија порака на Владата, многу сериозно да се разговара за барањето на работниците за зголемување на минималната плата, како и за зголемување на останатите плати. ССМ бара многу сериозно да размислуваат и да разговараат да ги ослободат работодавачите или да подадат рака и на бизнисот, како што ќе подадат рака на работниците за зголемување на платите и за ослободување на придонесите за задолжително социјално осигурување.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП