Работникот си бара, газдата вели немам, власта си молчи. Кратка реална македонска приказна.
Се менуваат власти, политиките си врват, работниците си трпат. Протести, штрајкови и повторно ништо. Но секогаш едно е сигурно, кој и да е опозиција дава поддршка на синдикатите, а кога се истите на власт растот на платите не им се на приоритетната листа за работа.
Додека работниците едвај врзуваат крај со крај, додека минималната плата не ги покрива ниту основните трошоци за живот, владата мисли на купување авион за Мицкоски, за нови туристички патувања, како она во Давос, обвинуваат од СДСМ. Опозициската СДСМ обвинува дека додека работниците протестираа пред македонското Собрание, внатре во собраниската сала беа понижени од пратениците на тендер коалиција ВМРО-ЗНАМ.
„Барањата на претставниците на Сојузот на синдикати за зголемување на минималната плата на 600 евра или 36.960 денари се реални и издржани. Во буџетот има пари, само со пренамена на две категории се обезбедуваат 200 милиони евра, доволно да им се излезе во пресрет на работниците.
Но, владата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не сака да ја покачи минималната плата, го избра сопствениот луксуз наместо потребите на работниците“, велат од СДСМ.
Сега кога власта е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ се заборавија маките на работниците за кои алармираа додека беа во опозиција. Синдикалците кои од улица бараат раст на платите станаа опозиционери во изјавите на власта а нивните протести политизирани.
Пратениците и извршната власт на ВМРО ДПМНЕ доби амнезија дека токму тие беа кои први се појавија на протестот пред повеќе од три години додека тие беа во удобните фотељи, а синдикалците ги наместија столчињата пред законодавниот дом. Од партијата на власт тврдат дека синдикалниот лидер, е партиски обоен со боите на опозицијата.
„Трендафилов користејќи ја ситуацијата на жртва, призна дека има 57.000 денари плата, како и дека користи службено возило. Човекот кој лицемерно се „бори“ за зголемување на минималната плата за 200 евра и останатите плати за 100 евра, призна дека зема околу 1000 евра плата, или 2,5 минимални плати, а нашите сознанија говорат и дека добива дополнителни финансиски средства во форма на бонуси и додатоци. Доколку Трендафилов смета дека му е загрозена приватноста, нека пријави во надлежните институции. Дополнително, го советуваме Трендафилов, помалку да ги слуша советите од Филипче, а повеќе да се интересира за интересите на работниците“, велат од ВМРО -ДПМНЕ.
ССМ пак категорично ги демантира нападите дека тие се струја на опозицијата и дека делуваат по инструкции на политички партии. За нив велат дека има само една мисија, а тоа е подобрување на квалитетот на македонските работници.
И.П



