ПочетнаЕКОНОМИЈАВо вторник синдикалците ќе го блокираат законодавниот дом!

Во вторник синдикалците ќе го блокираат законодавниот дом!

Сојузот на Синдикатите на Македонија донесе одлука во вторник да го блокира Собранието на Македонија. Оваа одлука е донесена  на Претседателството на ССМ и Советот на ССМ, а согласно Законот за јавни собири организира протест со блокада. Протестот е планиран за девет часот наутро.

Протестот или блокадата ќе се одржи пред Собранието на Македонија, односно на улиците – “11-ти Октомври“ и “Даме Груев”, информираат синдикалците. Според нив пратениците цела година молчат за предлогот на ССМ за зголемување на минималната плата и за зголемување на сите останати плати.

„За да ги заштитиме интересите на работниците, работниците бараат минималната плата веднаш да се зголеми на 600 евра, а останатите плати да се зголемат за најмалку 6.000 денари или за разликата од зголемувањето на минималната плата (од сегашната минимална плата и новата минимална плата).

Пратениците се глуви на работничките барања за зголемување на работничките плати, а работниците им дале мандат да уживаат во луксузот со 79% зголемени плати, кои дополнително ќе се зголемат за 12,6% доколку Уставниот суд ја укине Уредбата на Владата од минатата година и ќе се зголемат за 9,2% колку што пресмета Гувернерот на Народната банка дека изнесува порастот на просечната плата за 2025 година или ќе добијат вкупно 21,8% зголемување на нивните плати.“ велат од ССМ.

Пресметката на ССМ е дека најмалку 250 евра ќе добијат пратениците, а работниците 25 евра со најавеното зголемување на платите кое е според законското решение. Синдикалците велат, истите пратеници кои уживаат право на собраниско бифе по ниски цени и трошоци за патување до нивното работно место е нешто што им го скратиле на работниците и нешто што не им го утврдуваат како право на храна и превоз на работниците.

„Пратениците први ќе се соочат со работничкиот гнев, а преку БЛОКАДАТА ќе ги оневозможиме тој ден да наплатат патни трошоци кои надминуваат и 100 евра за еден ден, да дојдат пешки или со градски превоз онака како што одат на работа работниците. Ги потсетуваме дека не само што мораат итно да гласаат за зголемување на минималната плата и за згомемување на сите останати плати, мораат да гласаат и за намалување на функционерските плати по иницијативата на ССМ.“ додаваат од ССМ.

Од ССМ ги предупредуваат пратениците дека доколку и понатаму молчат, ќе почнат да собираат 10.000 потписи со кои ќе ги намалат нивните, а ќе ги зголемат работничките плати. А со тоа синдикалците велат, ќе мораат да бираат, ќе гласаат за себе, а против работниците кои се нивни гласачи, или ќе гласаат за работниците. Од ССМ напоменуваат дека за време на протестот ќе биде обезбедено непречено движење за потребите на Итната медицинска помош, Противпожарната бригада и полицијата, а воедно им се извинуваат на граѓаните кои ќе имаат потреба да се движат во периодот на Блокадата по наведените улици, а секој итен случај ќе биде пропуштен да помине.

И.П.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП