ПочетнаЕКОНОМИЈАПлаќање кирија до пензија или кредит на 30 години?

Плаќање кирија до пензија или кредит на 30 години?

Една од најупорните животни амбиции кај младите и понатаму останува сопствениот дом. Сепак, сè поголем број млади луѓе денес застануваат пред истиот ѕид – не толку финансиски, колку психолошки.

Стравот од долгорочно задолжување, од потпис што те врзува со децении, полека станува подеднакво тежок како и самите високи цени на недвижностите.

Станбениот кредит за едни е единствениот реален пат до сопствен покрив над глава. За други, тоа е симбол на она што го нарекуваат „должничко ропство“, односно живот во кој секој месец однапред е пресметан, секоја одлука условена со ратата, а слободата сведена на минимум.

Токму таа дилема, кредит или кирија, сè почесто се прелева од приватните разговори во јавниот простор, особено на социјалните мрежи и форумите, каде младите без задршка ги споделуваат своите стравови, фрустрации и искуства.

Една таква дискусија, која во изминатите денови привлече големо внимание, започна со објава на млада жена од внатрешноста. Таа и нејзиниот партнер веќе неколку години живеат под кирија, уморни од привремени решенија, уште поуморни од слабо платени работни места.

Желбата е едноставна – мал дом, двор, малку мир. Проблемот, како што самата го опишува, не е желбата, туку патот до неа.

Додека таа е подготвена да размислува за купување недвижност со кредит, нејзиниот партнер жестоко се противи. Според него, кредитот значи заковување за банка, обврска што те тера со децении да останеш на работа што те празни, само за да ја платиш следната рата.

На крајот, вели, ќе ѝ вратиш на банката двојно или тројно повеќе од вредноста на домот. Ни киријата не му е прифатлива, но друг план нема.

Прашањето што таа го поставува е директно: колку навистина е страшен станбениот кредит, дали човек станува заробеник, дали мора да трпи лоши работни услови и дали воопшто постои простор за претприемништво додека имаш кредит што трае 20 или 30 години.

Реакциите не доцнеа. Напротив, лавина од коментари покажа дека јавноста е далеку помалку сентиментална кон тезата за „должничко ропство“ отколку што тоа често се претставува.

Дел од корисниците отворено истакнаа дека им е многу потешко секој месец да даваат голема сума пари за изнајмен простор без никаква сигурност, отколку да знаат дека плаќаат нешто што е нивно.

Други посочија дека кредитот е обврска, но не и драма од размери какви што му се припишуваат. Ратата, велат, станува дел од секојдневието, платата автоматски се доживува како помала, и по некое време престануваш да размислуваш за тоа.

Особено интересни беа искуствата на оние кои, и покрај кредитот, направиле сериозни животни пресврти. Има луѓе кои сведочат дека токму со станбен кредит дале отказ од класична канцелариска работа и се впуштиле во сопствен бизнис. Не без ризик, но и не со чувство дека се врзани со синџир.

Според нив, кредитот не ја убива слободата, туку ја бара дисциплината.

Познавачите на пазарот на недвижности потсетуваат дека изнајмувањето долгорочно е финансиски понеповолна опција, особено во услови кога кириите растат, а сигурноста е минимална.

Под кирија, велат, секогаш постои ризик од ненадејно иселување, зголемување на цената или промена на условите. Кај кредитот, и покрај товарот, постои и излез – недвижноста може да се продаде, кредитот да се затвори, а животот да продолжи во друга форма. Ништо не е апсолутно заклучено, иако така изгледа на хартија.

Има и поостри ставови, без дипломатски ракавици. Според дел од коментаторите, говорот за должничко ропство е празна фраза што убаво звучи, но ретко нуди реална алтернатива.

Ако не плаќаш кирија, си на улица. Ако не плаќаш кредит, имаш барем време, процес, можност за решение. Разликата не е мала, иако често се игнорира.

Се појавува и едно логично, но често избегнувано прашање: каква е сликата за пензија? Да се биде под кирија во старост, со непредвидливи приходи и пазар што не покажува милост, за многумина е пострашно сценарио од три децении кредит.

Аналитичарите нагласуваат дека недвижноста, со сите свои маани, и понатаму останува една од најстабилните форми на долгорочна сигурност во регионот.

Секако, не постои универзален одговор. Кредитот не е магично решение, ниту киријата е автоматски погрешен избор.

Но, реалноста покажува дека стравот од задолжување често е поголем од реалната опасност.

Платите се менуваат, кариерата не мора да биде линеарна, животот знае да направи заобиколувања.

Она што останува е потребата за кров над глава и чувство дека не си привремен гостин во сопствениот живот. А дали тој пат оди преку банка или преку кирија… тука, очигледно, дебатата допрва ќе трае. И ќе се враќа. Одново.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП