Новата визна стратегија на Европската Унија ќе им помогне на превозниците од Западен Балкан, изјави денес извршната потпретседателка на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен, и рече дека ЕУ сака да обезбеди пофлексибилни правила за прекуграничните работници.
Одговарајќи на прашање од новинар, Виркунен нагласи дека проблемите на возачите од Западен Балкан ѝ се познати на Комисијата и дека новата визна стратегија предвидува одредени флексибилности, но дека безбедноста на границите останува приоритет.
„Системот за влез и излез (EES) не воведува нови барања за краткорочни престои во Шенген“, рече Виркунен.
Таа истакна дека возачите кои ја преминуваат границата секојдневно веќе имаат одредени исклучоци бидејќи ги користат истите контролни пунктови, додека предизвиците се појавуваат само во специфични случаи.
„Ги анализираме овие предизвици и работиме на нивно решавање како дел од стратегијата“, додаде Виркунен.
За превозниците од Западен Балкан, правилата моментално остануваат исти, но Комисијата планира дополнителни решенија што би можеле да го олеснат секојдневието и да ги намалат тензиите на границите.
Според европската постапка, во следната фаза, ЕК испраќа предлог за нова визна стратегија до Советот на ЕУ и Европскиот парламент, каде што се дискутира предлогот, се даваат коментари и може да се побараат измени или дополнувања.
По дискусиите меѓу Комисијата, Советот и Парламентот, ставовите на трите страни се усогласуваат сè додека не се постигне конечен договор, по што документот станува правен акт.



