ПочетнаЕКОНОМИЈАПродуктоводот за дизел Солун – Скопје проби уште еден рок!

Продуктоводот за дизел Солун – Скопје проби уште еден рок!

Првиот план беше на крајот на ланската година, па за во јануари, но по се изгледа дека ќе биде потребно дополнително време нафтоводот или продуктовотот за дизел гориво Солун – Скопје да биде ставен во употреба. Македонските граѓани го чекаат пуштањето само поради една цел, да плаќаат поевтино гориво на бензинските пумпи.

Продуктоводот за нафта Солун – Скопје, се уште не е подготвен за официјален старт или враќање во функција. Тој е под клуч 13 години, но и грчките и македонските власти и бизнисмени веќе најавија на неколку пати дека повторно ќе биде ставен во игра. Засега информациите велат дека се уште се работи на технички детали, а кога ќе биде се средено, македонските власти ќе ја известат јавноста.

„Од страна на грчките надлежни институции сме информирани дека сѐ уште не е потврден датумот за негово официјално пуштање во употреба. До добивање на таква потврда, состојбата во однос на продуктоводот останува непроменета. Грчката страна се обврза навремено да ја информира македонската страна за сите понатамошни чекори“, велат од владата.

На крајот на ланската година, темата нафтовот Солун – Скопје повторно беше актуелизирана од грчка страна. Од грчката нафтена компанија Хеленик Петролеум посочија дека се направени неколку тестови, односно пробни пуштања на гориво по цевките по кои треба да се дистрибуира дизел во Македонија.

„Станува збор за еден вертикален коридор за снабдување со традиционални производи, со оглед на тоа што нафтоводот ќе пренесува дизел-гориво, кое е основниот производ во поширокиот регион. Дополнително, работењето на нафтоводот ги олеснува извозите не само кон Северна Македонија туку и кон соседните пазари, како Косово, јужна Србија и Бугарија, со што се зајакнува геополитичкото влијание на земјата во регионот“, соопштија од Хеленик Петролеум.

Веднаш потоа на оваа тема изјава даде и македонскиот премиер, Христијан Мицкоски. Тој рече дека до крајот на 2025-та очекува нафтоводот да биде ставен во функција. Но два месеци потоа, тоа не се случи.

„Ние како држава ги спроведуваме сите чекори тој продуктовод, кој долги години беше уништуван и конзервиран, да биде ставен во функција. Траат испитувањата, мислам дека се веќе завршени, треба да почнат пробите на притисок. На Влада помина и ценовникот, очекувам оваа година тој продуктовод да биде ставен во функција“, изјави Премиерот Христијан Мицкоски.

Инаку, капацитетот кој се очекува да го има продуктоводот е 2,5 милиони тони дизел гориво. Очекувањата се дека придобивки од ваквиот транспорт ќе има и за компаниите но најважно за граѓаните. Поради намалените транспортни трошоци надлежните сметаат дека намалувањето на цената на горивата ќе биде неминовно.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП