Европската комисија е свесна за блокадите што ги организираат возачите на камиони од Западен Балкан на границите кон Европската Унија, како и за нивните тврдења дека новиот систем за влез и излез од ЕУ (EES) е дискриминаторски кон возачите од регионот.
На прашањата од новинарите, портпаролот на Европската комисија, Маркус Ламерт, одговори дека EES не воведува нови правила во врска со престојот во Шенген зоната, туку има за цел поконзистентна примена на постојните прописи и поефикасно откривање на неправилности.
„Внимателно ја следиме ситуацијата и сме во контакт со партнерите во регионот. Системот за влез и излез не ги менува правилата за должината на престојот во Шенген, но овозможува подобра и посистематска примена на постојните“, рече Ламерт.
Тој рече дека Шенген веќе предвидува одредена флексибилност за прекуграничните работници, но исто така дека постои проблем за одредени професионални групи од трети земји кои не спаѓаат во таа категорија, а поради природата на нивната работа, тие мораат често и долго време да престојуваат во ЕУ.
„Ова се однесува на професии со висок степен на мобилност, како што се возачи на камиони, но и спортисти или уметници на турнеја“, додаде тој.
Според него, прашањето за третманот на тие професионалци е поврзано со националните правила на земјите-членки, како и со постојните билатерални договори, и тоа е тема на која Европската комисија посветува целосно внимание.
„Работата на ова прашање е во тек и е дел од поширока дискусија во рамките на подготовката на новата стратегија за визи, која се очекува да биде презентирана подоцна оваа недела“, рече Ламерт.
Европската комисија соопшти дека ќе остане во контакт со земјите од Западен Балкан и ќе продолжи внимателно да го следи развојот на ситуацијата.



