Од утрово започна седумдневната блокада на граничните премини за транспортен сообраќај. Не само македонските камионџии, на протест низ границите се и најголемиот дел на камионџиите и во Србија, Црна Гора и во Босна и Херцеговина. Транспортерите не се согласуваат со нивите правила за шенген зоната.
Од денеска точно во 12 часот па во текот на цела недела транспортерите од земјава ќе ги блокираат најголем дел од граничните премини. Според информациите блокиран ќе биде само транспортниот превоз, патничките возила ќе може непречено да поминуваат.
Камионските транспортери од регионот се незадоволни од новиот систем за влез и излез од Европската унија со кој поради броењето им се скратуваат деновите за престој на возачите. Од Транспортната асоцијација Макам-транс велат дека новиот систем особено од 10 април, кога веќе ќе започне електронското броење ќе го поскапи транспортот на стоки и ќе ги пропадне не само нашата, туку економиите на цел Западен Балкан.
„Ние од наша страна како превозници решивме да ги затвориме следните гранични премини: тоа е Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блато на Дебар и Блаце. Додека Табановце останува отворено од наша страна, меѓутоа нашите колеги од Србија ќе го блокираат“, велат од Макам-транс.
Дека финансиските штети ќе бидат големи по транспортните компании, веќе загриженост изразија и од Стопанската комора од каде апелираат ситуацијата побрзо да се реши се со цел проблемите да бидат што помали. Од комората велат дека со новите правила не решава ништо за подобрување на определена област во Европската Унија, а создава сериозни проблеми за засегнатите страни.
„Очекуваме понеделник реакциите да се прошират во сите земји што се погодени од ова. Не очекувам брзо решение, но очекувам повлекување на одлуката“, велат од Стопанската комора.
Од Владата велат дека активно е фокусирана и работи на изнаоѓање решение на проблемот на транспортерите-камионџиите.
„Ова е прашање за кое сме во постојана комуникација со претставници на Европската Унија и истото во дипломатските канали е поставено како приоритетно. Со партнерските земји и превозниците се бара преку дијалог да се обезбеди итно решение и непречен проток на стоки. Целта на остварените дополнителни контакти со претставниците во ЕУ, е да им се укаже на проблемот со евиденцијата на престојот на транспортери-камионџиите во Шенген зоната и најавените блокади“, велат од Владата.
Протестот е заеднички на камионските превозници од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија. Сите гранични премини кај нас ќе бидат затворени за товарен сообраќај, а ќе нема проблем за влез и излез на автобусите и патничките автомобили.
И.П



