Светот се промени трајно, а Европската Унија мора да ги следи случувањата и да ја искористи оваа можност за да изгради нова, независна Европа, изјави денес претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на отворањето на 56-от состанок на Светскиот економски форум во Давос.
Зборувајќи за историските паралели со 1971 година и колапсот на Бретон Вудс системот, фон дер Лајен оцени дека промените во тоа време ѝ го отвориле патот на глобалната економија, но во исто време ѝ ја покажале на Европа цената на прекумерните зависности.
Според неа, лекцијата денес е иста и е дека структурните зависности треба да се намалат, бидејќи стариот економски поредок нема да се врати.
Претседателката на Европската комисија истакна дека Европа веќе реагира во клучните области, од енергија и суровини, до одбрана и дигиталниот сектор, но нагласи дека успехот ќе зависи од прифаќањето на фактот дека сегашната промена е трајна.
„Во овој контекст, европската независност не е краткорочен одговор на кризи, туку долгорочен структурен императив“, додаде таа.
Фон дер Лајен потсети на потпишувањето на трговскиот договор ЕУ-Меркосур, кој беше склучен по 25 години преговори и создаде најголема зона на слободна трговија во светот, која опфаќа повеќе од 20 проценти од глобалниот БДП и пазар од над 700 милиони потрошувачи.
Договорот, нагласи таа, е во согласност со Парискиот договор и испраќа порака дека Европската Унија избира фер трговија, диверзификација на синџирите на снабдување и партнерства пред царините и изолацијата.
Таа потсети дека договорите со Мексико, Индонезија и Швајцарија се склучени или модернизирани во изминатиот период, додека преговорите се во тек со Австралија, Индија, земјите од Југоисточна Азија и Обединетите Арапски Емирати.
Индија беше особено издвоена, со потенцијал да стане дел од трговска зона од речиси две милијарди луѓе и речиси една четвртина од светскиот БДП, што би ѝ дало предност на Европа на еден од најдинамичните пазари во светот.
На внатрешен економски фронт, фон дер Лајен оцени дека ЕУ ги има сите потребни ресурси, но дека не ги користи доволно ефикасно.



