ПочетнаЕКОНОМИЈАОд денеска отворена вратата за вработување на 10 илјади странци!

Од денеска отворена вратата за вработување на 10 илјади странци!

Вкупно 10 илјади работни дозволи ќе додели владата годинава на работници од странство. Оваа одлука е веќе на сила и стартува точно од денеска. Според планот ќе се вработуваат странци во редовен работен однос, но ќе има договори и за сезонски работници. Целиот процес ќе биде под лупа на министерството за економија и труд.

Одлуката која веќе е објавена во Службен весник а се однесува на квотата за вработување на лица од странство предвидува 9.750 дозволи наменети за редовно вработување на странци, додека 200 се за упатени странци, а 50 за сезонски ангажмани.

Дополнително, од квотата, 4.500 се за нови работници, а 5.250 за продолжување на дозволи.

„Владата на Македонија ја утврди квотата за работни дозволи за странски државјани за 2026 година, со вкупно 10.000 ангажмани. Министерството за економија и труд ќе го следи искористувањето на квотата и состојбата на пазарот на трудот. Одлуката стапува на сила од денес, 16 јануари 2026 година“, стои во информацијата која ја објави владата.

Недостатокот со работен кадар е глобален проблем со кој македонските стопанственици се соочуваат подолг период. Дел од малите фирми беа принудени да го намалат производството и начинот на функционирање, а мал дел дури и да затворат бидејќи немаат доволно број на работници. Со недостатокот на работен кадар се соочуваат и средните и големите компании. Пресметките велат дека неколку илјади евра чини по работник еден бизнисмен да ангажира работник од странство, кој потоа знае и да замине во некоја од поразвиените европски држави.

„Трудовата миграција претставува можност за економски раст на секоја земја – но само доколку е управувана мудро, со почитување на човековите права, со визија за иднината и со подготвеност за соработка. Нашата цел е јасна – да изградиме општество во кое трудовата миграција ќе го поттикнува растот, ќе ги поврзува луѓето и ќе создава заедничка иднина на стабилност, развој и достоинство. Нашата земја останува отворена за соработка со земјите од Западен Балкан и пошироко. Веруваме дека преку заедничко планирање и усогласување на регулативите, можеме да овозможиме циркулација на вештини, поддршка на иновациите и намалување на сивата економија“, сметаат од владата.

Во исто време во Македонија има над 100 илјади невработени граѓани кои се сметаат дека се неактивни на пазарот на труд. Тоа значи седат дома и не бараат работа, или пак се претпоставува дека се дел од сивата економија односно работат на црно. Поради тоа власта дозволи од почетокот на годинава да може да се ангажираат студенти, пензионери или приматели на некоја државна помош без притоа да ја загубат можноста за добивање на истата. Оваа мерка има за цел големување на вработеноста во земјава и намалување на сивата економија.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП