ПочетнаЕКОНОМИЈАНе се јадат евтини јајца секој ден

Не се јадат евтини јајца секој ден

Поевтинувањето на јајцата, по месеци во кои секој влез во маркет личеше на мало финансиско изненадување, кај дел од граѓаните донесе чувство на олеснување.

Не големо, не спектакуларно, туку онакво какво што се јавува кога ќе видиш дека барем една ставка на сметката не скокнала нагоре. Но, радоста е кратка и внимателна. Зошто, како што велат многумина, проблемот никогаш и не бил само во јајцата.

Од производствените кругови објаснуваат дека станува збор за очекуван и временски ограничен пад на цената, поврзан со сезоната и намалената побарувачка.

Периодот на пост, традиционално, значи послаба потрошувачка на јајца, па пазарот сам си го прави притисокот.

„Не станува збор за системско поевтинување, туку за пазарна корекција“, велат од индустријата, додавајќи дека цените во наредниот период ќе бидат стабилни, но не нужно и пониски.

Тука некаде завршува оптимизмот. Зашто, кога разговорот ќе се префрли на лебот, млекото, маслото, месото, овошјето и зеленчукот, тоновите стануваат повнимателни.

Економските експерти предупредуваат дека услови за пошироко поевтинување засега нема. Енергенсите и натаму се скапи, суровините на светските берзи не паѓаат драматично, а транспортните трошоци сè уште си ја држат својата тежина во крајната цена.

„Јајцата се изолиран случај. Не може од тоа автоматски да се извлече заклучок дека следува бран поевтинувања“, оценуваат аналитичарите.

Сепак, во тие оценки има и една тивка надеж. Ако ништо друго, велат познавачите, примерот покажува дека цените не се заковани засекогаш.

„Кога пазарот ќе дозволи, добро е производителите и трговците да покажат дека можат да реагираат во корист на потрошувачите“, коментираат економски експерти, со забелешка дека довербата на граѓаните одамна е истрошена и тешко се враќа.

А граѓаните, како и обично, се најдиректни. За нив, не е спорно што јајцата поевтиниле, тоа е добро, секако, но прашањето е зошто сè друго останува исто или оди нагоре.

„Со поевтини јајца не се полни фрижидер“, велат во разговори пред маркетите.

Други додаваат дека сметките за струја, за греење, за гориво, не се намалени, па секое мало поевтинување брзо се губи во целата слика. Некои само креваат раменици, како да сакаат да кажат дека веќе научиле да не очекуваат многу…

Во таа мешавина од кратко олеснување и долгорочна неизвесност, поевтинувањето на јајцата останува симболичен момент.

Мал сигнал дека цените можат и надолу, но и потсетник дека за вистинско здивнување ќе треба многу повеќе од тоа. Или, како што би рекле некои, ова е добро, ама…

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП