ПочетнаЕКОНОМИЈАТандемот бизнис и образование носат победнички резултат!

Тандемот бизнис и образование носат победнички резултат!

Преку најнови истражувања, стратегии и секако многу искуства бизнисмените од Стопанската комора излегуваат со експертски наоди за тоа како земјава економски може да напредува. Патот е отворен велат стопанствениците, само мора да се движиме до зацртаните цели и успехот ќе биде загарантиран. Но, тоа не значи дека ќе нема проблеми и предизвици кои ќе мора да се надминат. Темелот го имаме како држава, сега само треба да се надградува.

Како прво, мора многу посериозно да се насочиме кон поддршка на извозните компании, бидејќи стопанствениците тврдат дека тоа е двигател на економскиот раст. Како второ, потребна е и подобра стратегија или модел кој ќе овозможи подобро да се запознаат македонските фирми кои соработуваат со странските коорпорации. Како трето, а можеби и најважно тоа е создавањето на работен кадар, кој потоа истиот ќе созададе нови иновативни производи.

„Извозот е двигател на економскиот раст на државата, и за подобрување на извозот потребни се три клучни предуслови. Прво, интеграција на нашата држава во глобалните системи преку зајакната регионалната соработка и придвижување кон Европската Унија, бидејќи како мала држава не смееме да се развиваме изолирано. Второ, креирање јасен извозно-развоен модел преку инвестиции, системска промоција на извозот и активни политики за промоција на извозот, приспособени на различен тип на компании со различни дејности. Трето, инвестиции во образованието, со цел создавање кадар кој ќе придонесе кон поголема конкурентност преку развој на нови производи и услуги“, сметаат од Стопанската комора.

Бизнисмените од оваа комора веќе го споделуваат своето богато искуство особено во делот на образованието, на пример како што е во САД. Во тој систем има поинаков, поапликативен пристап – учење преку студии на случај, решавање реални проблеми и силна застапеност на практичната настава. Тоа е еден од моделите кои навистина дава резултат. Токму затоа сметаат стопанствениците дека, токму Стопанската комора која го поттикна процесот на дуалното образование, се вклучила во дуалното образование и работи на продуцирање на кадар за во иднина. Преку практичната обука во компанијата, учениците директно се запознаваат со работните процеси, се стекнуваат со практичните вештини и се подготвуваат за реалните потреби на индустријата.

„Кај нас, фокусот сè уште е на теоретското знаење и разбирање на концепти, додека американскиот модел е поапликативен. Она што го учиш, го учиш за да го примениш веднаш. Се учи преку конкретни студии на случај, како некој, нешто направил, како функционира теоретскиот концепт во пракса и како може да се примени“, додаваат од комората.

Едно мора да се знае, а тоа е дека успехот на образовниот систем не се мери според бројот на поединци кои заминале во странство и таму постигнале успех, туку успехот на системот се мери според употребната вредност на кадарот во домашниот бизнис и индустријата, заклучуваат од Стопанската комора.

Покрај јасната визија и финансиската стабилност, клучен фактор е човечкиот капитал. Бизнисот е дециден дека клучна работа е кадарот, односно тимот што победува. Не мораш да го имаш тимот со луѓе со најдобри вештини и знаења, туку да го креираш тимот со луѓе кои имаа најголема амбиција, заедничка цел, да размислуваат позитивно на она што ни се случува и реагираат во правилна насока со која ќе креираат продуктивност, иновации и тимски дух.

Засега бизнис секторот има умерен оптимизам, но потенцирајќи дека државата има реална шанса да направи суштински промени. Ваквото гледиште за периодот што следи секако е тоа што ние сме мала држава и треба да се претвори во предност – да се реагира брзо, да се биде поагилен и „погладен“ за знаења и образование. Клучно е, да се има амбиција, дефинирана цел и заедничка насока кон нејзино остварување, посочувајќи ги примерите на земјите како Полска, Грција, па и Србија во делот на привлекувањето на инвестициите.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП