Нови протечени податоци сугерираат дека „Xiaomi“ работи на петти модел од серијата „Xiaomi 17“, а заедно со него се откриваат и првите детали за неговите спецификации.
Според познатиот типстер „Digital Chat Station“, кој ги објави информациите на „Weibo“, во тек е тестирање на нов телефон од серијата „Xiaomi 17“. Тој наведува дека станува збор за „мала итерација“, иако сè уште не е познато по што точно ќе се разликува од постојните модели или каде ќе се позиционира во понудата, објавува „Android Headlines“.
Што се однесува до хардверот, новиот модел наводно ќе добие голем рамен екран со дијагонала помеѓу 6,8 и 6,9 инчи, со исклучително тенки рамки. За споредба, моделите „Xiaomi 17 Pro Max“ и „Xiaomi 17 Ultra“ веќе располагаат со екрани од 6,9 инчи, што значи дека и овој уред би се нашол на самиот врв според големината на дисплејот.
Според истиот извор, новиот „Xiaomi 17“ би можел да го користи чипсетот „Snapdragon 8 Elite Gen 5“, ист како и останатите модели од серијата. Исто така, се споменува и перископска телефото-камера, која веќе е присутна кај верзиите „Pro“ и „Ultra“, но другите технички детали засега не се познати.
Протечените информации дополнително наведуваат дека новиот модел би можел да биде претставен во првата половина на 2026 година.
Ова го отвора прашањето зошто „Xiaomi“ би лансирал уште една верзија од својот водечки паметен телефон во толку краток временски рок, особено ако се има предвид дека актуелната серија „Xiaomi 17“ сè уште не е глобално достапна и дека новиот модел, барем засега, не нуди особено впечатливи иновации.
Патем, „Xiaomi 17 Ultra“ се очекува да пристигне на глобалниот пазар во текот на 2026 година, најверојатно во првиот квартал, помеѓу јануари и март.



