ПочетнаАВТОБИЗДесетици кинески брендови на електрични возила се соочуваат со затворање

Десетици кинески брендови на електрични возила се соочуваат со затворање

Кинеските електрични автомобили бележат силен раст на глобалните пазари, поддржан од државни субвенции и зголемена побарувачка. Само во ноември, извозот на електрични возила од Кина пораснал за 87 проценти на годишно ниво. Сепак, зад овие импресивни бројки се кријат сериозни структурни проблеми.

Годината што претстои би можела да донесе силен потрес во кинеската индустрија за електрични возила. Според проценките, испораките на нови возила на домашниот пазар би можеле да се намалат и до пет проценти, што би бил најголемиот пад од 2020-та година. Како главни причини се наведуваат намалените државни субвенции и долгогодишното прекумерно производство.

Според „South China Morning Post“, дури 50 кинески производители на електрични автомобили кои моментално работат со загуба би можеле да бидат принудени да го намалат обемот на работење или целосно да ги затворат своите компании до 2026-та година.

Експертите предупредуваат дека времето истекува за брендовите кои не успеваат да привлечат помлади купувачи и да остварат одржлива добивка без поддршка од државата.

Дополнителен притисок доаѓа и од владините политики. Пекинг треба на почетокот на годината да одлучи дали ќе ја продолжи субвенцијата за размена на возила во износ од 20.000 јуани (околу 2.400 евра), додека ослободувањето од данок од 10 проценти истекува на крајот од оваа година и од јануари ќе се намали на пет проценти.

Иако ценовната војна ги направи електричните автомобили подостапни за купувачите, таа сериозно ја намали профитабилноста на голем број производители. Високите трошоци за развој и преголемиот број модели дополнително ги оптоварија финансиските биланси.

Проценките покажуваат дека на долг рок само околу 10 проценти од кинеските брендови на електрични возила ќе успеат да работат профитабилно.

Меѓу ретките победници се големите играчи како „BYD“, „Seres“ и „Li Auto“, кои веќе најавуваат поагресивен настап на странските пазари.

Во меѓувреме, „Leapmotor“, поддржан од „Stellantis“, доби значајна финансиска инјекција – државната „FAW Group“ купи пет проценти од акциите на компанијата за 3,74 милијарди јуани.

„Leapmotor“ планира да испорача дури еден милион возила до 2026-та година, со што би се позиционирал меѓу најголемите производители на електрични автомобили во Кина.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП