Според индустриски извори, јужнокорејската компанија „Samsung“ работи на значајна надградба што би можела да го направи „Bixby“ сериозен конкурент на „Google Gemini AI“ на паметните телефони „Galaxy“.
Новата верзија на „Bixby“, наводно, добива понапредни можности за вештачка интелигенција, благодарение на потенцијалната интеграција со технологијата „Perplexity AI“. Ова би му овозможило на асистентот да дава попрецизни, поконтекстуални и позначајни одговори на сложени прашања, наместо досегашните ограничени функции.
Подобрениот „Bixby“ е забележан во тест-верзијата на интерфејсот One UI 8.5 на „Samsung“, каде што покажува значително подобро разбирање на барањата на корисниците и поприродна комуникација. Иако „Gemini“ во моментов е стандарден AI асистент на поновите „Galaxy“ уреди, „Samsung“ очигледно не се откажува од сопственото решение.
Доколку овие најави се покажат како точни, „Bixby“ би можел да добие нова шанса кај корисниците, особено кај оние што бараат алтернатива на услугите на „Google“. Официјалното лансирање на подобрениот асистент се очекува во 2026-та година, најверојатно заедно со новата генерација „Galaxy“ телефони, додека постарите модели би можеле да добијат поддршка преку софтверски ажурирања.



