Во континуитет Стопанската комората алармира дека една мала земја како Македонија, за да опстане, мора да има раст на БДП-то поголем од 5% и да го зголемува постојано извозот. Бизнисмените од денешен аспект констатираат дека раст на БДП од над 5% сме имале само во 2008 година, а денес извозот изнесува 7,64 милијарди евра. За да се постигне таков одржлив раст потребна е дебата за унапредување на градежништвото, металургијата и се разбира извозот.
Стопанствениците велат дека Фактите со години се истите, непроменети:
Извозот е концентриран во преработувачката индустрија и опфаќа над 85% од вкупниот извоз. Во моментов компаниите од земјава извезуваат само 370 производи со вредност над милион долари. А 95% од македонскиот извоз се пласира само на 25 пазари. Тоа значи, многу предизвици.
„Во 2010 година, Комората предложи комплетен нов економски модел за развој. На стогодишнината од одбележување на коморскиот систем, во 2022 година, ја обзнанивме „Декларацијата на Стопанската комора за општествен консензус и за економски реформи, политики и мерки“, нов Рамковен договор за економски развој. Во меѓувреме се преструктуиравме како извозно ориентирана комора. Над 350 субјекти во државата ја потпишаа Декларацијата за општествен консензус, од сите чинители, сегашни и идни креатори на економските политики со која треба да се даде приоритет на економијата во однос на политиката, во наредните 10 години и да се направи неопходниот пресврт. Прв тоа го направи сегашниот премиер и претседател на ВМРО- ДПМНЕ, проф. д-р Христијан Мицкоски. Неговата Влада сега има историска шанса да го смени текот на работите, во позитивна насока. Да ја затвори страницата на македонската транзиција и да ги отвори портите кон Европската Унија. Многу млади можеби ќе заминат, но ќе се вратат во поголем број, ако периодов го искористиме за развој на економијата. Таквата политика секогаш ќе биде поддржана од бизнисот“, се наведува во соопштението на Стопанската комора.
Сите останати фактори, кои учествуваат во градењето на државата, мора да бидат на висина на историските задачи, додаваат бизнисмените.
Според нив, зголемувањето на БДП-то и извозот, секојдневно треба да бидат на дневен ред, а институциите да функционираат со полн капацитет. Следната 2026та за властите не треба да има изговори, економијата конечно мора да биде проиритет во владините политики. Токму од тоа ќе зависи и развојот на македонската економија, од тоа ќе зависи стандардот на граѓаните и квалитетот на живот на населението. Во спротивно, незадоволството ќе расте, како во коорпоративниот свет, така и кај обичниот човек.
И.П



