ПочетнаЕКОНОМИЈАДолгови, празни резервоари и нервоза - јавниот превоз повторно виси на конец

Долгови, празни резервоари и нервоза – јавниот превоз повторно виси на конец

Едни велат дека ова веќе станува навика, други дека е чиста импровизација, а трети дека е тивко туркање кон колапс.

Приватните автобуски превозници во Скопје повторно се најдоа во позиција во која немаат добар избор: или ќе ги паркираат автобусите токму пред новогодишните празници и ќе го разредат јавниот превоз, или ќе продолжат да возат така што повторно ќе брцнат во сопствениот џеб.

Сценарио што, според нив, се повторува предолго за да биде случајно.

Сопственик на приватен автобус, кој со години учествува во јавниот превоз во главниот град, во разговор за „Денар“ вели дека и покрај промените во градската власт, суштински ништо не се сменило.

Пари за услугата што ја вршат нема. Долгот што Град Скопје го има кон него, како и кон дел од неговите колеги, надминува 16.000 евра. Во меѓувреме, автобусите продолжуваат да сообраќаат со гориво купено со лични средства.

„Возиме со надеж дека ќе тргнат работите на подобро, ама ништо не е сменето“, вели тој со горчлива насмевка.

Најновата „инфузија“, како што ја нарекуваат превозниците, пристигнала преку компаниите што ги застапуваат приватниците.

Според информациите што им биле пренесени, од градската каса биле префрлени средства доволни за секој превозник да земе по околу 20.000 денари.

Пресметано во реални услови, тоа значи гориво за три, максимум четири дена активно возење. И толку. Потоа, повторно истото прашање, истата дилема, истата нервоза.

„Ни рекоа јасно и гласно: ако сакате возете, ако сакате паркирајте ги автобусите. Кој има пари, ќе купи гориво и ќе тера понатаму. Ама има колеги што се веќе на работ на банкрот, луѓе со кредити, со семејства, со деца… и тие трпат најмногу“, вели соговорникот.

Познавачи на состојбите велат дека ваквиот однос кон приватните превозници директно се прелева врз граѓаните, особено во период кога јавниот превоз е најпотребен – празници, зголемено движење, студено време. Разредените линии, нередовните автобуси и преполните возила не се случајност, туку последица на систем што се одржува „на мускули“. И на трпение што одамна е истрошено.

Од друга страна, економистите предупредуваат дека ад-хок уплатите не се решение, туку само одложување на проблемот. Без јасен план за сервисирање на долговите и стабилно финансирање на услугата, секој месец носи нов ризик од прекин. А прекинот, велат тие, нема да биде само технички, туку и социјален.

Во оваа празнична атмосфера, кога градот блеска во светилки, украси и се спрема за дочек, зад кулисите се води сосема поинаква борба.

Борба за литар гориво, за уште еден ден возење, за уште малку трпение. До кога? Тоа веќе никој не се осмелува прецизно да го каже…

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП