Граѓаните годинава повеќе ги посетувале театрите за разлика од ланската сезона, покажува најновиот извештај на Државниот завод за статистика. Но податоците велат дека икма намалување на посетителите на детските претстави. Овие информации се однесуваат за професионалните театри. Позитивни резултати има и во однос на посетата и бројот на изведбите на народните ансамбли, но негативни се бројките во однос на граѓаните кои ги посетиле концертите на филхармонијата во анализираниот период.
За над 20 отсто е зголемен бројот на претстави во театрите низ државата, а расте и бројот на посетители во професионалните театри. Најновиот извештај на статистичарите покажува дека и во аматерските театри годинава во споредба со ланската сезона е забележано зголоемување на бројот на претстави но и на посетители.
„Вкупниот број на прикажани претстави во професионалните театри е зголемен за 20.9 %, исто така и бројот на посетителите е зголемен за 20.5 % во однос на периодот 2023/2024 година. Во периодот 2024/2025 година, бројот на прикажаните претстави во професионалните театри за деца и млади е намален за 24.9 %, исто така е намален и бројот на посетителите за 30.9 % во однос на периодот 2023/2024 година.“ стои во извештајот на ДЗС.
Во периодот 24та – 25та бројот на посетители на претставите на професионалните театри изнесувал близу 199 илјади посетители. Во театрите за деца и младинци има 16 534 посетители. Што се однесува до аматерските театри, на нивните претстави имало 16 846 лица.
Лани биле изведени 238 дела во професионалните, театрите за деца и младинци како и во аматерските театри. Од нив 187 дела биле изиграни во професионалните театри на 1 105 претстави. Во театрите за деца и младинци биле изведени 27 дела, а истите биле прикажани 163 пати. Во аматерските театри пак се прикажале 24 дела, а тие биле изведени преку 123 театарски претстави.
Во периодот 2024 – 2025 година, бројот на посетителите на Филхармонијата е намален во однос на периодот 2023 – 2024 година. Кај професионалниот ансамбл за народни игри и песни, во периодот 2024- 2025 година, во споредба со 2023-2024 година, е забележано зголемување на бројот на самостојните приредби или концерти и на бројот на посетителите.
Националната филхарминија пак, одржала лани 38 концерти на кои присуствувале 25 100 гледачи. На настапите на професионалните ансамбли за народни игри и песни имало 19 920 лица кои посетиле 28 нивни концерти.
И.П



