Пред неколку месеци владата во обид да ја смири јавноста од ценовниот шок најави дека ќе воведува неколку типа на потрошувачки кошнички и на тој начин ќе се бори против реастот на инфлацијата.
Кошничка за три члено семејство, кошничка за самец, кошничка за пензионери и ред други планови за подобрување на животот на граѓаните. Но, од тоа ништо не се случи, јавноста помисли дека таа владина идеа пропадна, а во меѓувреме нити цените се намалија ниту инфлацијата се стабилизираше, раст до раст.
Сега, како новогодишна честитка повторно стигнаа сигнали од Илинденска број 2 дека од почетокот на 2026-та ќе има владина потрошувачка кошничка. Синдикатите се на ист став – не треба двојно мерење на трошоците на живот, тоа го прави ССМ – потребни се повеќе пари за да се купат основните работи, кога нема пари за да се наполни кошничката.
Од почетокот на Новата година владата ќе ја прави пресметката што и колку треба да се јаде и пие за да нема ценовни шокови. Владата не се откажува од идеата таа да ја пресметува потрошувачката кочничка и тоа за четири члено семејство, во прв план, но не ја исклучува можноста повторно да ги врати во игра идеите на Илинденска број 2 да се прават пресметки и за неколку категории на семејства, како трочлено семејство, самец, пензионер, студенти или слично.
„Од 1 јануари ќе се пресметува покрај синдикална минимална кошничка, ќе имаме и просечна потрошувачка кошничка на ниво на Република Македонија, која нас ќе ни користи како економија и Влада за понатамошни стратегии во економските политики и секако за зачувување на животниот стандард. Ќе бидат земени параметри од најголемите маркети во Македонија, ќе бидат земени параметри од страна на основните прехранбени производи, за се она што е потребно за еден просечен живот, за едно просечно македонско семејство. Исто така ќе бидат земени и од различни региони и најчесто овошјето и зеленчукот ќе биде земен она коешто е карактеристично за периодот, кога се пресметува во текот на годината“, велат од Министерството за економија.
Синдикалците се на став дека на граѓаните, на работниците им се потребни повеќе пари за живеење, а не ваква минимална плата која е само за преживување. Од ССМ за Денар велат дека минималната синдикална кошница ги отсликува реалните потреби на едно четиричлено домаќинство и се задржува на неопходните производи кои граѓаните ги користат секојдневно. Од друга страна синдикалците велат дека во пресметката на Државниот завод за статистика се опфатени околу 230 производи кои и не се баш реални и неопходни.
„ССМ ќе продолжи да ја пресметува минималната кошничка која се покажа како единствен релевантен податок. Ако грешката е што во неа се ставени сеознски овошја, еден газиран и еден густ сок или хамбургери за децата, тогаш може слободно да направат нова методологија и нова пресметка. Веројатно сите сакаат да станат синдикалци. Она што го критикуваат во нашата кошница е минимално пресметано, 25 грама цреши денеска можеме да поделиме со семејството, една чаша кока-кола и една чаша сок од портокал. Со 730 денари во текот на денот не може да купите ни четири бурека ни четири јогурти, а не за појадок, ручек и вечера.
Сепак, стоиме на располагање за да пренесеме дел од нашите знаења ако државата или Државниот завод за сатистика смета дека треба да направат некакво унапредување. Она што ССМ го прави од 2010 година било и ќе биде критикувано од сите влади, но ако разговорите преминат од фаза на дискусија и идеи во фаза дека ќе ни докажат дека можеме да преживееме со далеку помалку, можеби ќе треба да се пресмета просечна кошница која ќе биде над 2 000 евра, која ќе ги отсликува реалните, а не минималните потреби, само тоа нема да им се допаѓа ни на Владата, ни на работодавачите“, велат од ССМ.
Оваа тема ќе биде на дневен ред на следниот Економско социјалниот совет на 22ри месецов каде власта со синдикатите и работодавачите ќе се преговара за оваа проблематика.
И.П



