ПочетнаЕКОНОМИЈАДома за Нова година е поевтино? Бројките не велат така!

Дома за Нова година е поевтино? Бројките не велат така!

Една „скромна“ Нова година дома, барем на хартија, звучи како рационална одлука. Без ресторани, без скапи аранжмани, без „дај уште едно шише“. Само семејството, трпезата, телевизорот и неколку часови обид да се почувствува празникот. Но кога ќе се соберат сметките, кога ќе се помине фискалната сметка со прст по редовите, приказната станува помалку романтична, а повеќе… отрезнувачка.

„Не правиме ништо посебно, ќе си бидеме дома“, вели Марија, вработена во приватен сектор, мајка на две деца. „Ама еве, само за храна оставивме повеќе од 6.000 денари. И тоа без некои луксузи“.

Списокот е познат: месо за печење, руска салата, сирења, малку сувомеснато, кифлички, колачи, овошје, пијалaци. Ништо егзотично. Ништо што не било дел од „скромната“ трпеза и пред десетина години. Само што цените не се од пред десетина години.
Според брза пресметка направена со неколку семејства од Скопје и внатрешноста, основната новогодишна трпеза за четиричлено домаќинство чини меѓу 5.500 и 8.000 денари. Зависи од тоа дали месото е свинско или телешко, дали салатите се домашни или купечки, дали виното е „од акција“ или од она што се зема „за гости“. А гости, дури и кога не се поканети официјално, секогаш некако се појавуваат…

„Само за месото ни отидоа 2.500 денари“, вели Горан, пензионер. „Па сирење, кашкавал, салати, уште толку. Деца се, бараат сокови, чоколади. Не можеш да им кажеш дека е криза, дека е Нова година ама скромна“.

Дополнителен трошок, кој често се занемарува во пресметките, е струјата. Рерната работи со часови, шпоретот постојано вклучен, светлата, телевизорот, греењето.

„Само за празниците сметката ми е поголема за барем 1.000 денари“, вели Ана, административен работник. „Не е тоа нешто што го гледаш веднаш, ама во јануари стигнува“. И стигнува во месец кој и онака е најдолг, најтивок и финансиски најтежок.

Подароците се посебна приказна. Дури и кога ќе се каже „ништо големо“, тоа „ништо“ лесно надминува 2.000 до 3.000 денари по дете. Плус ситници за блиски, плус нешто „симболично“ за дома.

„Да не се разочараат“, велат родителите. А разочарувањето, се чини, е нешто што сите се обидуваат да го одложат барем до 2 јануари.

Економистите предупредуваат дека токму ваквите празнични трошоци, иако поединечно изгледаат „подносливи“, кумулативно го удираат семејниот буџет.

„Граѓаните често не ја гледаат целата слика“, вели универзитетски професор по економија. „Не е само трпезата, туку и енергијата, подароците, транспортот, па и психолошкиот притисок да се одржи некаква нормалност“.

А нормалноста, во вакви услови, станува скапа навика.

Кога сè ќе се собере, една „скромна“ Нова година дома лесно достигнува 9.000 до 12.000 денари. За многу семејства тоа е половина плата. За некои и повеќе. И тука веќе не станува збор за луксуз или за раскош, туку за обид празникот да не личи на обичен ден. Да има барем малку свеченост, барем малку чувство дека годината се затвора како што треба…

„Не жалам“, вели Марија на крајот. „Само ми е чудно кога ќе слушнам дека дома е најевтино. Можеби е најевтино, ама веќе ни тоа не е евтино“.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП