ПочетнаЕКОНОМИЈАКаде води патот кој покажува раст на БДП, а во исто време...

Каде води патот кој покажува раст на БДП, а во исто време засилена сива економија и повисока инфлација

Бруто домашен производ, стапка на невработеност, движење на инфлацијата, бизнис клима, ова се четирите сегменти на македонската економија на кои осврт дадоа експертите од Институтот за економски анализи Finance Think, конкретно за третиот квартал од годинава. Според нив, растот во третиот квартал има солидна динамика, но потребна е фискална претпазливост.

Економистите од Институтот за економски анализи Finance Think сметаат дека подобрената активност на реалниот сектор резултираше со зголемување на БДП во јули, август и септември. Па затоа во третиот квартал од 2025, економијата понатамошно забрза на 3.8% на годишна основа.

Од Finance Think додаваат дека по подолг временски период, растот на приватната потрошувачка спласна на 0.9%, иако растот на доходите, и особено на платите порасна за 10%, а кредитниот раст на домаќинствата забрза за 10.8%. Извозот порасна за 3.4% и увозот за 9.9% продолжија со внимателни растови како одраз на неизвесностите кај трговските партнери на европскиот континент и на царинската политика на САД. Податоците велат дека на производната страна, растот во овој квартал е на релативно широка основа како и претходно, но јасно е воден од градежништвото кое порасна за фантастични 21%.

„Остварувањето е во линија со нашите очекувања изразени во претходните Макроекономски монитори и со нашата проекција од 3.5% за целата 2025 година. Забрзувањето е најмногу водено од растот во бруто инвестициите (30.6%), што е одраз на инвестициските активности во приватниот сектор и на инфраструктурните инвестиции на државата и општините. Сепак, растот на бруто инвестициите е варијабилна компонента на растот на БДП и непоходно е да се следи неговото однесување во следниот период“, велат од Finance Think.

Што се однесува до невработеноста, таа во третиот квартал од 2025 не се промени и е на 11.5%. Експертите сметаат дека зголементата активација на населението на 52.5% од 52.2%, придонесе вработеноста благо да се зголеми на 46.5% од 46.2%. Од Институтот велат дека растот на вработеноста е доминантно резултат на раст на неформалната вработеност, која продолжи да се зголемува и во овој квартал се искачи на 14.3%.

„Стапката на слободни работни места (2.02%) во овој квартал остана слична како и во претходните, што упатува дека недостигот од нискоквалификувани работници останува хроничен, а најпогоден сектор е угостителството и туризмот. Овие движења на пазарот на труд укажуваат на помала воздржаност од претходно, но сепак условите се влошени“, додаваат од ФТ.

Во третиот квартал од 2025, инфлацијата повторно забрза на 4.4% на годишна основа од 3.8%. Во овој квартал, упорната инфлација е главно сврзана со ефектите од порастот на доходите врз потрошувачката која предизвика раст на базичната инфлација од 5.2%. Овие ризици налагаат потреба од понатамошна претпазливост и од фискалната и од монетарната страна, алармираат експертите.

„Динамиката на економијата од овој квартал се очекува да продолжи до крајот на 2025 година и во текот на 2026 година. Ризик за растот остануваат глобалните неизвесности, а на домашната сцена динамизираниот раст е неопходно да е придружен со консолидирана фискална политика“, велат од Finance Think.

Finance Think останува на проекцијата за реален раст на БДП во 2025 од 3.5% дадена во декември 2024. Проекцијата за растот на БДП во 2026 година изнесува 3.8%, додека проекцијата за инфлацијата 2.7%.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП