Нови 16 здруженија и асоцијации на лица со попреченост ќе добијат грантови од Стопанска банка АД – Скопје за реализација на проекти кои ја поттикнуваат инклузијата и ги подобруваат условите за нив во заедницата. Стопанска банка ги објави добитниците на грантовите во вкупна вредност од 30.000 евра, како дел од годинешното издание на општествениот проект на Банката, „Сонуваме.Менуваме“ vol.7 кој од 2016 година ја подигнува јавната свест за поголема инклузија на лицата со попреченост и помага во градењето на подобро општество за сите.
Оваа година на јавниот повик на Стопанска банка се пријавија 28 здруженија и асоцијации од земјава кои аплицираа со конкретни проекти. Посебно формирана комисија во Банката ги оценуваше пристигнатите проекти, при што се вреднуваше бројот на лица што ги опфаќа проектот, дали овозможуваат континуирана работа со лицата со попреченост преку нови едукативни, инклузивни или физиотерапевтски методи или пак овозможува нивна поголема слобода при движењето и извршувањето на секојдневните активности. Комисијата селектираше 16 проекти кои ќе добијат финансиска поддршка од Банката за нивна реализација.

