ПочетнаЕКОНОМИЈАПразниците доаѓаат, украсите ќе доцнат

Празниците доаѓаат, украсите ќе доцнат

Скопје повторно влезе во последниот месец во годината без препознатливиот новогодишен сјај што веќе со недели ги обвива европските метрополи.

Додека Виена, Будимпешта или Загреб уште во втората половина на ноември мирисаат на варено вино и одекнуваат од празнични мелодии, главниот град кај нас, како по навика, ќе се буди дури по средината на месецот.

Причината е истата што се повторува и година по година: тендерите се доцна распишани, постапките се одолговлекуваат, а градот останува во некоја чудна транзиција меѓу есенската магла и новогодишните светилки што никако да се појават.

Само Општина Центар, речиси тврдоглаво верна на традицијата, почнува со украсувањето уште во ноември. Жителите таму секоја година добиваат барем малку подолга празнична сезона, како доказ дека градот може да изгледа поинаку ако постои малку повеќе план, малку повеќе визија…

„Подготвуваме централна вечер, ја правиме секоја година неколку денови пред самата новогодишна ноќ. Ќе има неколку изведувачи, домашни, тоа е нашиот печат. Ќе има диџеј, ќе има активности за најмладите… сето тоа го правиме со идеја Центар да биде место каде луѓето ќе сакаат да дојдат“, велат од Општината.

Спомнуваат и ново издание на „Џез под ламба“, настан што веќе си го создаде своето мало, верно и многу различно јадро од публика.

Но, надвор од Центар, остатокот од метрополата – молчи. Дел од општините велат дека „сѐ уште било рано“ да се зборува за детали. Други велат дека им биле „во тек постапките“ и ќе кажеле кога ќе имале нешто поконкретно.

Понекогаш начинот на кој институциите одговараат создава впечаток дека празниците дошле ненајавено, па сега сите брзаат да состават некаков план за украсување како што се брза во недела вечер да се напише домашната работа што стоела недопрена цел викенд.

Карпош, на пример, има бројки: издвоени се еден милион денари, тендерската постапка е во тек, а јавниот повик завршува денеска. Плоштадот „Делфина“, платото кај Млечен, кружниот тек кај „Георги Димитров“ и плоштадот „Пецо Божиновски Кочо“ ќе добијат новогодишни декорации. Во Влае ќе никне 11-метарска елка, уште една петметарска на кружниот тек, а мразулци, светлосни мрежи и LED-фигури ќе ги разубавуваат бандерите и грмушките. Сето тоа – до 20 јануари.

Гази Баба планира да го започне украсувањето дури од 19 декември. Во Автокоманда пак ќе стои 11-метарска елка, ќе има светлосни украси во Ченто, Стајковци и по главните улици. Во Чаир повикот трае до 10 декември: административната зграда ќе блесне со светлечки завеси, капки-лампи, а на плоштадот „Скендербег“ ќе се постави 9-метарска елка и голем 3Д балон. Ќе има и „ѕвездено небо“ во Старата чаршија – можеби најатрактивниот дел за посетителите.

Другите општини тивко ги следат датумите. На електронските јавни набавки нема ништо објавено од Ѓорче Петров, Кисела Вода, Сарај, Шуто Оризари…

Аеродром само најави дека „кога ќе имаат информација, ќе ја споделат“. Од Бутел, пак, најгласно уверуваат дека годинава ќе биде „најубавата новогодишна бајка“. Според најавите, ќе има светлосна завеса, мрежи и 10-метарска елка пред општината. Но, пред 20 декември – тешко, бидејќи тендерот трае до 16-ти. Преведено: украсувањето ќе се случува буквално во последен момент.

Неколку познавачи на урбаните политики коментираат дека хроничното доцнење со украсите има и поширока последица – Скопје со години е „невидливо“ на туристичката мапа во периодот кога другите градови прават најголеми приходи од празнични посети.
„Додека другите европски градови одамна влегоа во декемврискиот пулс, ние остануваме заробени во административни рокови. Тоа ја убива магијата уште пред да се појави,“ вели еден експерт за урбан развој.

Друг додава дека „празничната атмосфера не е само украсување – тоа е чувство, динамика, привлечност. Ако градот свети само десетина дена, тогаш ефектот е минимален“.

И можеби токму затоа Скопје секоја година го пропушта оној прв бран туристи кои ги следат манифестациите, планските концерти, базарите, атракциите…

Кај нас, украсите ќе се палат доцна, ќе останат кратко, а луѓето… ќе се потсетат дека ова е навика што со години не се менува. А можеби и би можела, само кога би се почнало навреме. Токму тоа „навреме“ некако секогаш ни бега низ прсти…

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП