52-ри ден е откако стапија на сила американските санкции врз српската нафтена индустрија(НИС), која е во мнозинска сопственост на Русија.
Српската министерка за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ во петокот изјави дека рафинеријата ќе остане во фаза на топла циркулација до вторник, 2 декември.
Во меѓувреме, за време на разговорите меѓу рускиот претседател Владимир Путин и унгарскиот премиер Виктор Орбан во Кремљ, беше разгледана можноста Унгарија да купи удел во руските нафтени компании погодени од неодамна воведените санкции на САД, изјави рускиот вицепремиер Александар Новак.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, верува дека Канцеларијата за контрола на странски средства (ОФАК) би донела позитивна одлука, но дека се чека одлуката на Стејт департментот.
„Подготвени сме, граѓаните не треба да се грижат. Државата ги презема сите мерки, од кои една е соработка со унгарските пријатели“, рече Вучиќ на заедничката прес-конференција со унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Од друга страна, Орбан потврди дека Унгарија ќе сподели сè што има од нафта со Србија, додека неговиот шеф на кабинет потврди дека МОЛ би можел да купи удел во НИС.
Директорот на „Србијагас“ Душан Бајатовиќ вели дека НИС мора да продолжи да работи и дека „и Русите и Американците мора да го знаат тоа“.
Тој вели дека има доволно резерви и дека нема да има недостиг, нагласувајќи дека очекуваното мислење на ОФАК „веројатно нема да биде негативно“.



