Повеќе од 100 уметнички дела од отпад од пакување, изработени од ученици на возраст од 11 до 18 години од цела Македонија како и од Србија и Црна Гора, пристигнаа на повикот за учество на меѓународната изложба на дела „Творење и креирање на дела од отпад од пакување – 2025“, која оваа година се одржа под насловот „Заедно за почиста животна средина“. Конкурсот беше отворен од Друштвото за управување со пакување и отпад од пакување „Еуро-Екопак“, во соработка со Детскиот ликовен центар, а вчера (26 ноември, среда) во просториите на ДЛЦ, во библиотеката „Другарче“ беше доделена наградата за најдобро групно дело, како и три индивидуални признанија. Сите наградени добија вредносни ваучери кои може да ги искористат за набавка на материјали и прибор со кој ќе продолжат да ја негуваат својата пасија кон одржлива уметност. Најдобрите дела, како и проширена селекција од пристигнатите творби, од утре (28 ноември) ќе бидат изложени во трговскиот центар „Сити мол“ во Скопје каде сите посетители ќе можат да ја погледнат младешката креативност и посветеност кон одржливата уметност.
Наградата за најдобро групно дело добија учениците од деветто одделение Петар Стојанов, Верица Петревска и Кристина Гацева од основното училиште „Димче Ангелов – Габерот“ во Демир Капија, кои работеа под менторство на професорката Валентина Вучиниќ. Првото место за најдобро индивидуално дело го освои деветтооделенката Клаудија Петковска од основното училиште „Кочо Рацин“ од Куманово, чиј ментор беше Далибор Јовановски, а делото на Наја Демировиќ од деветто одделение во училиштето „Алија Изетбеговиќ“ во село Батинци, која низ процесот ја водеше професорот Џенан Ризвановиќ, се најде на второто место. Третото место ѝ припадна на Елена Стаматовска од „Јан Амос Коменски“ чиј ментор беше професорката Даниела Илиевска – Стојчева.







