Работниците бараат 700 евра а работодавачите не даваат ниту 500. Ако е тактика да се бара повеќе за да се добие некоја реална сума е сосема оправдан потег на работничката класа, но тоа мора да биде и дозволено од власта. Работодавачите не ни помислуваат да мрднат со прст повеќе од тоа што предвидува законот за минимална плата, а владата прво велеше како ќе се договорат двете страни така и ќе направиме, а сега да „се загрижува“ дека ако платите пораснат ќе се зголеми и инфлацијата.
“Тоа што речиси половина од работниците во Македонија велат дека минималната плата во моментов треба да изнесува 700 евра само потврдува дека граѓаните не живеат добро. Инфлацијата и натаму им ги јаде јадните плати на оние кои заработуваат најмалку или минимално. За достоинствен живот треба повеќе, треба плата која ќе стаса не само за прехранување на семејството, туку и за редовно плаќање на сметки, набавка на облека, за здравство, за посета на културни манифестации и спортски натпревари. Но за се ова не може со минималец кој сега е само за преживување”, велат од ССМ.
„Барањето за зголемување на минималната плата не е желба на поединци, туку потреба на работниците во Македонија. 45,2% сметаат дека минималната плата во Македонија треба да се зголеми на 600 евра, 42% од испитаниците сметаат дека истата треба да изнесува над 700 евра, а 12,8% од испитаниците сметаат дека минималната плата во Македонија треба да изнесува 500 евра.
Работодавачите како претставници на Економски социјалниот совет велат дека во Македонија нема добар работник кој зема помала плата од просечната. Минимална плата се исплаќа во оние дејности каде навистина нема услови за повеќе, велат од бизнис секторот.
Најголемиот проблем според нив е продуктивноста на вработените. Газдите сметаат дека работникот не е толку вреден колку што самиот се проценува. Доколоку се зголеми минималецот тогаш тоа ќе влијае негативно во компаниите кои ќе бидат приморани за исто толкава сума да ги зголемат примањата и на останатите вработени во фирмата не само на тие што добиваат минимална плата, велат стопанствениците.
Власта пак сега смета дека многу пари во џебот на граѓаните ќе донесе нов бран на поскапување, бидејќи граѓаните ќе се залетаат во продавниците да купуваат, а тоа ќе го препознаат трговците, веднаш ќе ги зголемат цените и тука ќе се направи контра ефект.
Ова го мислат владините претставници и нивните советници кои месечно имаат на располагање по неколку илјади евра за трошење. И поради големата „загриженост“ од раст на инфлацијата велат доста му е на работникот 400 евра минимална плата.
Во меѓувреме, сите земји од регионот од нова година ќе бидат со минималец од над 500 евра. Тоа значи дека многу е реално, дел од работната сила сезонски или на подолг рок да се пресели од другата на страна на некоја од нашите граници со соседите. Во земјите од европската унија висината на платата, а најмалку минималната, подолг период не е ниту тема на разговор. Таму се плаќа и тоа на големо само да се стаса до квалификуван и вреден работник.
И.П



