ПочетнаЕКОНОМИЈАПредлог Буџетот за 2026 утре пред пратениците!

Предлог Буџетот за 2026 утре пред пратениците!

Од утре па во следните две недели пратениците ќе дебатираат за предлог Буџетот за 2026та година. Станува збор за еден од најзначајниоте документи кои се носат во македонското собрание во текот на една календарска година.

Како и при секое носење на Буџетот на државата, така и за овој власта го претставува како развоен со многу проекти кои се од клучно значење за граѓаните. А пак опозицијата е со серија на обвинувања и смета дека власта планира да ја задолжи државата се со цел парите од новите заеми да ги искористи за партиски цели. Според информациите на Денар опозицијата веќе има поднесено 200 амандмани.

“Буџетот е документ кој што е реален и нуди решенија за проблемите на граѓаните и со кои што ние ја даваме конкретната слика за нашата економска филозофија, а тоа е реализација на капитални инвестиции, повеќе пари за плати, повеќе пари за пензии, нови училишта, спортски игралишта нови болници, развивање на инфраструктурата”. Ова е ставот на владеачката ВМРО ДПМНЕ од каде што додаваат дека секако е важно и финансиската консолидација, нешто што и беше клучно потребно на нашата држава.

„Она коешто е важно и коешто граѓаните треба да го знаат, сме успеале да обезбедиме повеќе средства и за повисоки плати, пензии и една сума која што е реална за реализација на капиталните инвестиции, бидејќи сметаме дека оваа држава треба на тој начин да се развива. Она коешто е важно имаме проектирано и повисок раст на БДП, којшто е по основ на досегашниот раст од кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, 4 квартали имаме над 3% раст, дефицитот е намален за 0,5%, и што ни дава можност да веруваме дека ова е едно реално планирање на овој програмски документ. По основ на тоа што е планирано и реализирано оваа година, затоа имаме испланирано за оваа година 660 милиони евра за капитални инвестиции, за зрели проекти, проекти кои се веќе во реализација и ќе се потпреме на оние проекти во општините кои државата ги финансира, а сега се во полн ек на реализација“, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Но опозицијата не се сложува со ваквите констатации на власта. Предлог-буџетот за 2026 година е признание за економската неспособност на Владата, велат од СДСМ. По усвојувањето на Предлог-буџетот за 2026 година СДСМ изразува сериозна загриженост за насоката по која се движи фискалната политика и нејзините последици врз граѓаните и стопанството.

Наместо ветената „строга фискална дисциплина“, Владата предлага дефицит од 3,5% од БДП и со тоа повторно директно го прекршува фискалното правило утврдено во Законот за буџети, кое поставува лимит од 3%. Не станува збор за дисциплина, туку отстапување од законската рамка што ќе ја платат граѓаните и економијата. Особено е проблематично што Владата буџетската рамка од 374,7 милијарди денари приходи и 413,9 милијарди денари расходи ја нарекува „развојна“, а истовремено ги намалува капиталните инвестиции. Со предлог-буџетот за 2026 година тие се планираат на 40,5 милијарди денари – речиси 7 милијарди помалку од 47,3 милијарди денари кои беа утврдени со ребалансот за 2025 година, реагираат од СДСМ.

На дел пред почетокот на расправата во собранието се огласија и од партијата Левица. Според нив планираниот буџет не стимулира продуктивност и инвестиции и не создава нова вредност. Напротив, тој ја цементира зависноста од јавната потрошувачка и краткорочните политички ефекти. Од партијата додаваат дека капиталните инвестиции учествуваат со само 9,7% од вкупните расходи што е на алармантно ниско ниво. Тоа значи дека државата троши за тековни потреби, наместо да инвестира во иднината. Со ваков пристап не се гради економија туку се купува социјален мир, велат од Левица.

„Особено загрижува што 31% од приходите се обезбедуваат преку ново задолжување. Тоа значи дека секој трет денар што државата ќе го потроши е позајмен. Дополнително 1,25 милијарди евра се за отплата на стари долгови, што претставува речиси петтина од буџетот. Со други зборови, државата работи за да враќа стари долгови, а во исто време зема нови кредити што директно води кон фискална нестабилност. Само за камати, наредната година треба да се исплатат 346 милиони евра. Во структурата на расходите од новиот буџет, јасно се гледа приоритетот на оваа власт – политички опстанок, а не јавен интерес. Наместо инвестиции во здравство, образование, социјална сигурност и квалитет на живот, Владата се одлучи да штеди токму на тие сектори кои ја држат државата исправена“, велат од Левица.

Следната година владата планира да собере 6,1 милијарда евра, но да потроши 6,7 милијарди. Тоа значи дека 600 милиони евра се дефицит кој се проектира на ниво од 3,5 отсто. Инфлацијата властите очекуваат да се намали од сегашните 4,5 на 2,5 отсто, а растот на Бруто домашниот производ да се зголеми за 3,8 отсто.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП