Скандалот во Платежната агенција како што се очекуваше доби и меѓународна актуелност. Опозицијата обвинува дека Европската унија ги стопираше парите кои се на располагање од ИПАРД 3 програмата наменет за земјоделскиот сектор. Власта засега се брани дека такво нешто не постои, туку владата решила да ја стопира целата процедура на исплати се со цел да се открие детално целиот скандал. Во меѓувреме директорот на Платежната агенција е во притвор од 30 дена, со него и тројца негови соработници, а во домашен притвор е едно лице кое се сомничи дека помагало во коруптивната постапка.
По жестоките напади на опозицијата дека парите за ИПАРД 3 ќе секнат за македонските земјоделци, од владата реагираат дека тоа не е вистина туку се правело детално истражување на скандалот, но и се проверувало дали имало и други слични случаи.
Од Илинденска број два велат дека поздравена е позитивната акција од страна на луѓето од Европската комисија.
„Првичните информации говорат дека тоа не е од сега туку години наназад тоа е правено, така што се ќе истражиме и секој кој што мисли дека така ќе помине се лаже. Има да одговараат сите од прв до последен“, велат од владата.
Неколку дена по ред од опозицијата обвинуваат дека официјален Брисел ги стопирал сите исплати од оваа европска програма која поддшка дава на земјоделски проекти.
Од СДСМ велат дека оваа програма во времето на СДСМ била најуспешната европска приказна во земјоделството, со рекордни 2.369 реализирани и контролирани инвестиции и целосна искористеност на европските пари. Од партијата бараат одговорност од актуелната власт.
„Донесена е одлука за суспендирање на ипард, а владата и министерството за земјоделство се обидуваа да ја сокријат. Суспензија имало два пати и тоа само кога ВМРО ДПМНЕ е на власт, во 2011 и сега во 2025 година“, обвинуваат од СДСМ.
Сега тука се отвора прашањето за колку земјоделци станува збор кои чекаат финансирање на проекти од оваа програма. Скандалот во Платежната агенција пукна откако директорот на институцијата Илија Стоилев беше приведен под сомневање дека добил награда од 50 илјади евра, за да намести фирма да добие гранд од ИПАРД 3 програмата иако таа компанија не ги исполнувала условите. Сега тој е во притвор со тројца негови „соработници“.
Оваа ИПАРД три програма треба да трае до 2027 година, а според проценките во прашање се доведени близу 130 милиони евра – европски пари кои им беа на располагање на македонските земјоделци.
И.П



