ПочетнаЕКОНОМИЈАЕксперти наспроти власти, ќе има ли ефект државната помош за надминување на...

Експерти наспроти власти, ќе има ли ефект државната помош за надминување на енергетската сиромаштија?!

Од 600 илјади домаќинста во Македонија државата ќе помогне само на 4000 домаќинства од ранливите категории, овинуваат експерти, надлежните велат опфатени ќе бидат многу повеќе.

Здружението на Инженери на Република Македонија посочува дека иако над 38.000 домаќинства живеат на работ на сиромаштија, новата програма за енергетска поддршка на Министерството за енергетика опфаќа едвај 3.932 семејства што е помалку од еден процент од вкупниот број домаќинства во државата. Ова здружение напоменува дека Министерството за енергетика на 31 јули 2025 година ја промовираше новата Програма за заштита на ранливи потрошувачи на енергија, најавувајќи финансиска поддршка во износ од 47,3 милиони денари. Но, иако во јавноста ова се претставува како „помош за најзагрозените граѓани“, Инженерите велат дека бројките прикажуваат сосема спротивната слика, односно оваа програма опфаќа исклучително мал број домаќинства кои се во реална енергетска сиромаштија. Но, од Министерството за енергетика се децидни дека помош ќе добијат многу повеќе граѓани.

Од вкупно 598.632 домаќинства попишани во 2021 година, само 3.932 домаќинства ќе бидат опфатени како ранливи категории со право на субвенционирана сметка за струја, што е помалку од 0,7% од сите домаќинства, обвинуваат од Инженери на Република Македонија.

„Во бројки тоа изгледа вака: 313 домаќинства со деца со попреченост, 94 згрижувачки семејства, 192 домаќинства со лица со интелектуална попреченост, 1.583 домаќинства со лица со најтешка телесна попреченост, 750 домаќинства со лице со целосна слепост и 1.000 домаќинства со лице со целосна глувост“, се наведува во дописот од Инженери на Република Македонија.

Во исто време, според податоците на Државниот завод за статистика, во 2024 година 38.627 домаќинства користеле гарантирана минимална помош, додека вкупно 72.337 лица вклучувајќи и 14.678 малолетни биле корисници на некој вид социјална заштита. Сепак, ниту 10% од нив не се опфатени со оваа „програма за заштита“.

Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година предвидува 1.000 денари месечен попуст на сметката за струја во траење од 12 месеци. Овие 12.000 денари годишно по домаќинство, иако се добредојдени, се недоволни да ја покријат ниту половината од просечната годишна сметка за струја во еден македонски дом.

„Програмата вклучува и административни олеснувања како што е забрана за исклучување во зима, побрзо санирање на дефекти и ослободување од трошоци за повторно приклучување. Но, овие мерки се достапни само за оние неколку илјади семејства што ќе влезат во строгиот критериум на Министерството. Така, иако владата тврди дека никој нема да остане без енергија „кога му е најпотребна“, реалноста укажува дека десетици илјади сиромашни семејства, стари лица, невработени и самохрани родители се оставени надвор од мрежата на енергетска заштита. Критериумите за вклучување се ограничени, а јавниот оглас објавен на веб-страницата на Министерството има рок од само 30 дена“, додаваат Инженерите.

Програмата за заштита на ранливи потрошувачи е симболична и далеку е од сериозна системска поддршка која би одговорила на социоекономска реалност во Македонија, заклучува здружението на Инженери на Македонија.

Но, од ресорното министерство вчера го објавија огласот за пријавивање на домаќинствата кои имаат проблем со плаќањето на сметките за струја. Од Министерството за енергетика велат дека право на поддршка имаат домаќинства со едно или повеќе лица со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице и глуво лице, корисници на посебен надоместок заради попреченост со навршени 26 години возраст.

„Без оглед на старосната возраст, согласно член 44 од Законот за социјалната заштита, чиј вкупен нето доход кој подлежи на оданочување на месечно ниво согласно Законот за данокот на личен доход на членовите на домаќинството во 2024 година не го надминувал износот од: 24.500,00 денари за едночлено домаќинство, 42.000,00 денари за домаќинство со два члена, 60.000,00 денари за домаќинство со три члена и 80.000,00 денари за домаќинство со четири и повеќе члена, не сметајќи го посебниот надоместок согласно Законот за социјалната заштита“, стои во огласот на Министерството за енергетика.

Лицата со категориите од точка 1 од овој оглас се стекнуваат со финансиска поддршка преку намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 1000,00 денари месечно, сметано од денот на поднесување на барањето, во времетраење од 12 месеци.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП