Не само угостителството и градежниот сектор, со недостаток на работен кадар се повеќе се соочува и индустријата. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека за една година бројот на вработени е намален за четири отсто. Во исто време забележан е минимален раст на производството во индустријата.
Податоците за состојбите во индустријата повторно не покажуваат позитивни сигнали. Официјалните бројки велат дека работниците во индустријата се намалени за 4% во јуни 2025 во однос на јуни 2024 година.
Бројот на работниците во секторот Рударство и вадење на камен во јуни годинава, во однос на јуни 2024 година, се намалил за 2.5 %, во секторот Преработувачка индустрија за 4.3 %, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација за 1.4 %. Дополнително, според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во јуни 2025 година, во однос на јуни 2024 година, се намалил во групите Енергија за 2.5 %, Капитални производи за 9.2 % и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 4.2 %, а се зголемил во групите Трајни производи за широка потрошувачка за 11.4 % и Интермедијарни производи, освен енергија за 0.4 %. Бројот на работниците во индустријата во периодот јануари – јуни 2025 година, во однос на периодот јануари – јуни 2024 година, се намалил за 4.1 %.
„Бројот на работниците во индустријата во јуни 2025 година, во однос на јуни 2024 година, се намалил за: 2.5 % кај рударство и вадење на камен, 4.3 % кај преработувачка индустрија 1.4 % кај снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.“ стои во извештајот на ДЗС,
Ваквите состојби со работниот кадар по се изгледа и дека се резултат на минималното зголемување на производството во индустријата од само 0,5 отсто во анализираниот период. Официјалните податоци на државната статистика покажуваат дека индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во јуни 2025 година, во однос на јуни 2024 година, бележи пораст од 6.9 %, во секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 2.0 %, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 29.3 %.
„Според главните индустриски групи, производството во јуни 2025 година, во однос на јуни 2024 година, бележи пораст кај Интермедијарни производи, освен енергија за 4.6 %, Капитални производи за 2.0 % и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 1.9 %, додека опаѓање бележи кај Енергија за 24.4 % и Трајни производи за широка потрошувачка за 4.3 %.“ стои во извештајот на ДЗС
Инаку, во Агенцијата за вработување во моментов има пријавено околу 100 илјади невработени лица кои бараат работа, а на пазарот на труд секојдневно има отворено десеетици илјади огласи за ново вработување. Во однос на производството во индустријата очекувањата се дека тоа ќе се подобри со мерките на владата и кредитите кои се од унгарскиот заем.
И.П



