ПочетнаЕКОНОМИЈАДали царините меѓу САД и ЕУ се закана или можност за напредок...

Дали царините меѓу САД и ЕУ се закана или можност за напредок за нас?

Новите царини помеѓу Европската Унија и САД, каде Вашингтон воведе 15 отсто царина за голем број европски производи, отвора простор за внимателна анализа и на македонската економија.

На прв поглед, Македонија е само спореден играч, но последиците од оваа одлука на Белата куќа може да бидат огромни, ако внимателно не ги одмериме нашите чекори, велат економските експерти за Денар.

Иако нашата земја сè уште ги преговара деталите за слободна трговија со САД, добар дел од македонските компании извезуваат преку европските производители, па новата американска царина би можела да им ги отежни условите и да ја намали нивната конкурентност на американскиот пазар.

Тоа значи дека македонските производи може да бидат ставени во истата категорија како и оние од Германија, Франција или Италија, кои сега веќе поскапеа за американските потрошувачи.

„Сега сме во некоја чудна сива зона“, предупредуваат економистите. „Од една страна, ова ни е шанса. Ако преговорите со Вашингтон резултираат со договор за слободна трговија, македонските производи ќе можат да влезат со нулта или многу ниска царина и наеднаш да станат поатрактивни за американскиот пазар. Ќе добиеме стратешка предност. Но, ако не стигнеме до договор на време, тогаш ќе бидеме во многу незавидна ситуација – ќе бидеме под истата царина како европските компании, а нема да имаме економска моќ да ги издржиме тие 15 отсто“, велат познавачите.

Од друга страна, дел од стопанствениците предупредуваат дека преговорите за слободна трговија со САД не смеат да останат само на хартија и декларативни ветувања.

„Да бидеме реални, ние сме мал пазар и мал играч, а од американска страна немаме никаква гаранција дека ќе добиеме специјален третман. Ако останеме заглавени во оваа состојба, нашите производи кои се извезуваат преку европските компании ќе станат помалку конкурентни и ќе изгубиме пазарен удел“, вели Адеми, директор на една скопска фирма која голем дел од производството пласира токму на американскиот пазар преку партнери од ЕУ.

Сепак, има и поинакви размислувања. Дел од експертите сметаат дека оваа ситуација може да биде токму стимул што ни треба за побрзо и порешително да го завршиме договорот со САД.

„Понекогаш, вакви шокови се добредојдени за да сфатиме дека мораме брзо да дејствуваме. Имаме ретка шанса да станеме дел од поволна група земји со привилегирани услови во трговијата со САД. Само така ќе избегнеме негативни ефекти од оваа нова царина“, објаснуваат познавачите.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП