Не запираат реакциите од неуспешниот состанок помеѓу социјалните партнери, синдикатите, работодавачите и власта за зголемување на минималната плата. Наместо повеќе пари, владата понуди нова пресметка на потрошувачката кошничка. За повеќе пари властите велат треба работниците повеќе да работат, а актуелната кошничка која ја пресметува синдикатот била нереална со образложение дека таа била посакувана, а не минимална. И замислете сега, на синдикатот нереалната кошничка брои 65 производи, а новата која ја понуди владата или пореалната има 110 производи и е реална. Да им се чудиш на паметот.
„ССМ многу барал, работниците многу бараат и дека им е доста, дека со тие плати треба да бидеме среќни што ги добиваме. Работниците изгледа во Македонија премногу очекуваат, а кога очекувате премногу добивате големи разочарувања!
Поради краткиот временски период кој го имаат на располагање пратениците и Владата до распишување на избори, македонските работници веројатно дека ќе останат со најниска плата во регионот односно под дното, ако има дно, Македонија е под дното со платите“ – ова е дел од изјавата на Слободан Трендафилов кој беше видно разочаран од средбата на Илинденска број два со владините претставници и со работодавачите.
Ставот останува непроменет, и еден работник да бара зголемување на неговата плата синдикатот ќе застане покрај него и ќе бара зголемување на платите. Од Сојуз на синдикатите на Македонија велат дека во минатото покажале дека на претходната Влада и одржаа генерален штрајк во јавниот сектор и на таков начин се зголемија платите на сите вработени во јавниот сектор за дополнителни 10 проценти. Во тој случај, огромен број на протести може да се одржат и во наредниот период и може да се случи истото.
„Мислиме дека по пат на социјален дијалог можеме да постигнеме решение и да се доближиме до минималната плата во регионот од 500 евра, НО не убедуваат дека дека минималната плата во Македонија е со далеку поголема куповна моќ од половина Европа. Веројатно функционерите живеат подобро од половина европа со нивните 79% зголемени плати. Помеѓу плата и политика има 79% зголемени функционерски плати и 0% зголемени работнички плати. Кога ќе ги стигнеме тие 79% функционерски плати тогаш ќе зборуваме и ние како нив, а се до тогаш ќе зборуваме за плата и можат да не извинат на речникот„ велат од ССМ.
За властите пак охрабрувачки е тоа што статистички се намалувала инфлацијата на месечно ниво. А според нив тоа е резултат на добрите владини политики за подобрување на куповната моќ.
„Целта е едноставна и суштинска да се добие реална слика за животните трошоци за едно просечно четиричлено семејство. Охрабрувачки е што инфлацијата се намалува во месец јуни од месец мај. Во мај имавме 1,5 проценти инфлација, а во месец јуни се намалува за 0,8 проценти“, велат од владата.
Ставот пак на стопанството е јасен ако се зголеми минималецот надвор од рамките на законот тоа ќе предизвика турбуленции во останатите плати во компаниите за што приватниот сектор во моментов не е во можниост да се справи.
Тоа што е сигурно засега, во октомври кога македонските граѓани ќе излезат на избори да ги бираат новите функционери кои ќе им ветуваат подобар живот, ќе останат со најниски плати во регионот, а соседите од Србија во истиот месец ќе почнат да добиваат минималец од 500 евра.
И.П



